Точниот број на загинати, главно млади луѓе се утврдува, откако се запали дискореката Пулс од Кочани, ноќеска околу 3 часот, во време кога се одржувал концерт на ДНК. Има и над стотина повредени. Се врши транспорт на повредените, а реонот го надлетуваат и полициски хеликоптери, а повредените се пренесуваат во кочанската и штипската болница.
-Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се’ уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување, соопштуваат од Обвинителството.
Засега друга официјална информација нема, додека од очевидците сведочат за драмата која се одигрувала ноќеска и хаосот што настанал со избувнувањето на огнот, најверојатно од светлечките ефекти.