Русија им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната против Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за Ројтерс лица запознаени со ова прашање.
Не е јасно што точно ставила Москва на својата листа ниту дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да ги прифати барањата, наведува агенцијата.
Руските и американските официјални лица разговараа за условите за време на лични и виртуелни разговори во текот на изминатите три недели, велат изворите. Тие ги опишаа условите на Кремљ како широки и слични на барањата што претходно ги постави кон Украина, САД и НАТО.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека американските официјални претставници одат во Русија на разговори за американско-украинскиот договор за 30-дневен прекин на огнот и за патот кон мировните преговори.
Претходните руски услови вклучуваа нечленство на Киев во НАТО, договор да не се распоредуваат странски војници во Украина и меѓународно признавање на тврдењето на претседателот Владимир Путин дека Крим и четири региони припаѓаат на Русија.
Русија, исто така, во последниве години побара од САД и НАТО да ги решат, како што ги нарече, „основните причини“ на војната, вклучително и проширувањето на НАТО кон исток.
Трамп го чека одговорот на Путин за тоа дали ќе се согласи на 30-дневен прекин на огнот што украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот рече дека ќе го прифати како прв чекор кон мировните преговори.
Во Киев, украинскиот претседател Зеленски го поздрави овонеделниот состанок во Саудиска Арабија меѓу американските и украинските претставници како конструктивен и рече дека потенцијалниот 30-дневен прекин на огнот со Русија може да се искористи за да се постигне поширок мировен договор.
Американските и руските официјални лица во последните недели изјавија дека нацрт-договорот за кој Вашингтон, Киев и Москва разговараа во Истанбул во 2022 година, може да биде почетна точка за мировните преговори.
Во овие разговори Русија побара Украина да се откаже од амбициите за НАТО и да прифати постојан статус без нуклеарно оружје. Тие побараа и вето на акциите на земјите кои сакаат да и помогнат на Украина во случај на војна.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека се надева дека прекинот на огнот меѓу Русија и Украина може да се случи во рок од неколку дена доколку руските лидери се согласат и дека тој планира на состанокот во Канада оваа недела да ги натера дипломатите од Групата 7 да се фокусираат на завршување на војната.
„Еве како би сакале светот да изгледа за неколку дена: ниту една страна да не пука една кон друга – без ракети, без проектили, без куршуми, ништо, без артилерија“, им рече тој на новинарите во Ирска, на пат од Саудиска Арабија за Канада, објави Њујорк Тајмс.
„Пукањето престанува, борбите престануваат и разговорите почнуваат“, рече Рубио.
Првиот американски дипломат додаде дека чувствува дека нема да наиде на непријателство од американските сојузници поради неодамнешните царини наметнати кон Канада од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека очекува да има срдечни разговори со канадските официјални лица, и покрај заканата на претседателот Трамп да ја анексира Канада и да ја направи 51-та земја.
„Тоа не е она за што ќе разговараме на Г7 и за тоа нема да зборуваме за време на нашето патување. Тие се земјата домаќин и мислам, имаме многу други работи на кои работиме заедно“, рече тој.
Рубио вчера по разговорите во Џеда изјави дека Русија ќе ја прифати понудата за 30-дневен прекин на огнот во Украина.
„Украина направи позитивен чекор, се надеваме дека Русите ќе возвратат. Тоа би бил најдобриот гест на добра волја од руска страна“, изјави Рубио.
Британските медиуми пренесуваат дека Рубио не даде рок до кој треба да започне примирјето, но дека „се надева што е можно поскоро“. МИА