Македонската и балканска Кралица на ориенталниот танц Елена Вукановска ќе ја претставува Македонија и Балканот на еден од најголемите фестивали за ориентален танц во Европа – „Ориентален маратон“. Овој престижен настан ќе се одржи од 22 до 25 мај во градот Ле Гро ду Рои, Франција, а Елена не само што ќе настапи рамо до рамо со најголемите светски имиња во ориенталниот танц, туку ќе биде и дел од жирито на натпреварувачкиот дел од фестивалот.
„Чувството е непроценливо да се биде амбасадор на својата земја и да се дели сцена со врвни уметници во оваа грандиозна уметност. Поканата ја добив лично од организаторката на фестивалот, Шерон Месгвич, и легендата на ориенталниот танц, Ранда Камел, што за мене претставува огромна чест“, вели Вукановска.
На годинешното издание на фестивалот ќе настапат светски реномирани уметници како што се: Ранда Камел (Египет), икона и легенда на ориенталниот танц, Шерон Месгвич (Франција), француско-туниско-алжирска танчерка, основач на фестивалот; Дарија Миќевич (Украина), една од најдобрите танчерки и најмадата инструкторка во светот; Јаел Зарка (Франција), интернационална уметница со уникатен и префинет стил, Тито Сеиф (Египет), еден од водечките машки ориентални танчери во светот, Ваел Мансур (Египет), експерт за египетскиот танц и театарска интерпретација. Фестивалот опфаќа натпреварувачки дел во шест категории: соло професионалци, соло аматери, соло фолклор, соло деца, групни настапи и тарабука соло. Покрај натпреварувачките сегменти, ќе се одржи и базар со костими и реквизити за ориентален танц.
Вукановска е лидер во ориенталниот танц на Балканот, единствената интернационално сертифицирана инструкторка за ориентален танц на Балканот. Со повеќе од 15 години искуство како натпреварувач и инструктор, таа активно настапува низ Македонија, Балканот и Европа. Нејзиното „Студио Ориентал“ е првото и единствено професионално студио за ориентален танц на Балканот. „Зад секој успех стои тимска работа. Огромна благодарност до моите девојки со кои секојдневно настапуваме, додава Вукановска.
-Веќе работиме на проектот за организирање на фестивал кој ќе донесе светски имиња од ориенталниот танц и во нашата земја. Македонија заслужува да биде домаќин на ваков престижен културен настан, вели Вукановска.