Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува на 7 март откако во Основниот Кривичен суд Скопје денеска беа изведени докази на предлог на одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски. На следното рочиште е предвидено произнесување однос на материјалните докази, а веќе од расправата закажана за 12 март ќе започне распитот на обвинетите.
Во Кривичен денеска беше сослушан сведокот Стојан Кујунџиевски кој сведочеше дека заедно со колегите од СВР Велес вршеле потрага по исчезнатиот Жежовски, како и за претресот во домот на Боре Видевски каде што биле пронајдени ловечка пушка, патрони и куршуми девет милиметри за пиштол.
Воедно, на денешното судење одбраната на Палевски презентираа материјални докази, вклучувајќи уплатница од банка од 27 ноември 2023 година со која тврдат дека во критичниот период Палевски не бил на местото на убиството на Вања Ѓорчевска.
Адвокатите бараат снимки од надзорните камери на Халк Банка за да утврдат кога Палевски влегол во банката. Тие тврдат дека Палевски двапати се враќал во банката поради уплатницата, а снимките ќе покажат дали чекал ред со сведокот. Обвинителката приговори, велејќи дека времето на уплатницата не е релевантно, бидејќи снимки од Сејф сити покажуваат дека возилото на Палевски се вратил во седиштето на партијата во 10 часот. Судот го прифати предлогот за снимките, но го одби барањето за базните станици на телефонот на Палевски и за одземеното оружје од Видевски.
Во продолжението на судењето Палевски достави листа на докази помеѓу кои побара да бида прикажано видео од Сејф сити каде што, според посоченото, се гледа дека возилото Рено кангу во 00:15 часот помеѓу 21 и 22 ноември е во центарот на Скопје а не кај Велибор пред врата, како што дополни.
– Тоа е евидентирано од серверот на паметен град каде пишува број на таблица, број и местоположба на камера и датум кога, во колку часот е евидентирана табличка на возилото, рече Палевски.
Дополнително, тој побара појаснување на која околност се вештачел телефонот на Жежовски, како и возилото Рено Кангу.
Судот потоа одлучи да ја одложи расправата за 7 март, кога ќе се произнесат по однос на материјалните докази, а потоа, на следните расправи закажани за 12, 17, 19, 24 и 26 март, како што информираше судијата Ивица Стефановски, ќе се прави распит на обвинетите со редослед Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.