Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги демантира информациите дека се повлечени девет амбасадори, меѓу кои Мето Белески од Брисел, Катерина Ставревска од Лондон, Зеќир Рамчиловиќ од Подгорица, Пајо Авировиќ од ОБСЕ , Емил Крстевски од Прага, Јакуп Реџепи од Сараево, Агнеза Руси од Софија, Џенк Сејфула од Стокхолм и Андреј Жерновски од Букурешт.
Според МНР станува збор за неточни наводи кои воопшто не соодветствуваат со фактичката состојба.
-Во однос на постапката за отповикување на определен број амбасадори, информираме дека Министерството е во редовна и континуирана комуникација со Кабинетот на Претседателот на државата. Преку официјалниот интерен комуникациски систем, досега девет амбасадори се известени за завршувањето на нивниот мандат. Во наредниот период се очекува Претседателот да ги потпише указите за нивно отповикување. Министерството нагласува дека целата институционална координација и комуникација, вклучително и онаа со дипломатско-конзуларните претставништва, се одвива исклучиво преку заштитен интерен систем, а не преку електронска пошта, информираат од МНР и додаваат:
-Воедно, укажуваме дека во последниот период на социјалните мрежи и во некои медиуми зачестено се појавуваат фабрикувани и неточни фотографии од наводна е-маил комуникација меѓу вработени во Министерството. Со цел расчистување и соодветно процесуирање на овие појави, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе достави пријава и побара интервенција од Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, информираат од МНР