Во периодот од октомври 2024 до февруари 2025 година градоначалникот на Општина Маврово Ростуше г-дин Медат Куртовски потпиша триесетина решенија за одобрување на изградба на викенд куќи, хостели, пансиони и згради со апартмани и студија апартмани, традиционални куќи за потребите на туризмот (селски, планински , езерски) околу Мавровското Езеро. Оваа негова одлука доаѓа и покрај донесеното решението ( од мај 2024 год) на Уставниот суд за укинување на урбанистичките планови во овој регион, реагираат од Здружение за заштита на животната средина „Спас за Маврово“.
Во соопштението до медиумите понатаму се вели:
-Во услови кога веќе неколку години по ред алармираме на бетонизацијата на Мавровското Езеро, на изградените згради надвор од сите норми за објекти во Национален Парк , кога предупредуваме на огромните проблемите со инфраструктурата (пат, водоводна мрежа, напојување со ел.енергија), Општината без никаква резерва потпишува согласности за изградба на нови и нови објекти. Тоа се прави и покрај тоа што уште лани во мај Уставниот суд ги укина урбанистичките планови донесени од советите на поранешната општина Маврови Анови и на Општината Маврово и Ростуше од 2001 односно од 2015 година.
Исто така треба да се има во предвид дека е во тек постапката за Ревалоризација на заштитеното подрачје Национален Парк Маврово, во која е вклучено и зонирањето на паркот каде ќе бидат точно дефинирани градежните активности.
Законската можност за издавање на вакви одобрувања за парцели надвор од опфатот на урбанистичките планови едноставно не може да биде никакво оправдување ако се знае ситуацијата на теренот. А таму градоначалникот г-дин Куртовски очигледно ретко оди и без никаков проблем ги потпиша овие решенија неколку месеци пред крајот на неговиот мандат. Без ни малку обид конечно да покаже достоинство, морал, чест и барем еднаш да направи нешто за мавровскиот регион кој во неговиот мандат едноставно беше заборавен и злоуботребен.
Ги повикуваме надлежните органи ПОД ИТНО да го спречат ова самоволие на градоначалникот г-дин Куртовски кое непрекинато се спроведува изминатите години, а кое допринесува до урбано дивеење со несогледливи последици, се вели во соопштението .