Унијата на медицински сестри и техничари со своето бројно членство на овој начин ја користи можноста за да упати искрени честитки по повод 20-годишниот јубилеј на Лекарската комора, којашто е еден од важните фактори и чинители во две децениската посветеност на здравствената грижа и развој на медицинската струка во нашата земја. Вашата работа, посветеност и напори за унапредување на здравствениот систем во земјава се од исклучителна важност и достојни за почит, рече претседателот на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, стоматолошки сестри и акушерки на Македонија, м-р Гордана Бешлиовска .
Во соопштениет понтаму се вели:
-Но… Имајќи предвид дека и денес на одбележувањето на овој значаен јубилеј, којшто сестринската „фела“ со право го чувствува и како свој, Унијата на Медицински сестри и медицински техничари на Македонија, реагира на тенденциозноста во повторувањето на пропустите не само од вербален туку и од колегијално -професионален аспект!
Реагираме на обидите за системско и систематско минимизирање на уделот и вредноста на ангажманот на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, во лекарските тимови, нивната секојдневна работа, одсуството на сестрите како рамноправни и незаменливи членови на тимовите при наградувањето и нивната (Не)ревалоризација ниту на дело а речиси постојано и ниту на збор!!!
Реагираме на: одсуството на вистинско заедништво и сплотеност, взаемно почитување и удостојувања на нашите напори за унапредување и законско регулирање на нашата професија, мотивирани од морални, финансиски, материјални услови во работната средина, но пред се од аспект на целосно и непречено извршување на нашата професија: грижата и негата за секој еден пациент без исклучок!
Доказ за непринципилната состојба којашто трае веќе 20 години, е денешното отсуство и во спомнувањето и во физичкото отсуство на претставници од професијата: медицинска сестра и медицински техничар, како во говорите и во официјалните обраќања, така и во протоколот при одбележувањето на јубилејот!
Ние медицинските сестри и медицински техничари во земјава, секогаш стоиме и работиме заедно со вас лекарите и императивно ги надополнуваме нашите професионални и човечки обврски како дел од секој здравствен тим на сите нивоа во нашиот здравствен систем иако мошне често, дури и од највисоките инстанци по разни поводи, оваа бројна професионална сила е ословувана само како „средно медицински кадар“!
Ние го подржуваме, афирмираме и се гордееме со секој индивидуален и колективен успех на лекарите во земјава, а со тоа и на Лекарската Комора, затоа што истото е истовремено и наш успех и наша гордост, а се во интерес на пациентите.
Денес, кога Лекарската комора слави 20 години од своето востановување и активност, мора да го поставиме прашањето: Зошто медицинските сестри не се вклучуваат и не добиваат законско и морално признавање за нивниот не помалку значаен придонес во секој тим во здравствениот систем?
И покрај високата професионалност потврдена низ едукативниот процес, а повторно непрепознаена во здравствениот ситем, покрај сложените и напорни услови на работното место, синдромот на прегорување, одговорноста и подготвеноста при вонредни состојби не само за време на Пандемијата со Ковид 19, правата и статусот на медицинските сестри и техничари остануваат и непрепознаени и нераволизирани од ниту еден аспект.
Недостигот на недвосмислена, отворена и адекватна поддршка од страна на лекарите а со тоа непосредно и на Лекарската комора, сметаме дека е една од пресудните пречки за недонесување на Законот за сестринска професија, а со тоа и на голем број на проблеми и недоречености, недостаток на лиценци и обуки, но и долготрјани хаотични сотојби не само во сестринската професија туку и во здравствениот систем воопшто, што секако не и служи на чест на земјава пред светот-т.е пред очите на Меѓународната заедница но уште пострашно пред очите на нашите пациенти!
Признанието на нашата улога мора да се огледа во конкретни акти и мерки на поддршка.
20 години јубилеј на лекарите и Лекарската Комора во земја во којашто медицинските сестри работат без лиценци, претставува поразителен факт за сите! Дали е во ред нашите лекари да работат во тимови кадешто дел од членовите работат без соодветна лиценца? Дали македонските пациенти го заслужуваат тоа?
За жал, се чини дека ваквиот индолентен и игнорантски однос кон една исклучително хумана и значајна професија, сродна и по суштина и по цел со лекарската, дефакто се случува и за жал најверојатно ќе продолжи и по одбележувањето на значајниот 20 годишен јубилеј на Лекарската Комора на Р.С. Македонија!
Време е за закон, лиценци и Комора на сестрите!
Ние, медицинските сестри, медицинските техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, бараме и заслужуваме: исто препознавање и поддршка како и другите здравствени професионалци.
Нашата иницијатива за создавање на законски прописи кои ќе го регулираат нашиот статус, како и формирање на независна комора која ќе ги претставува нашите интереси, не е само оправдана, туку и неопходна.
Овие барања не се тесногради, туку напротив во интерес на целосно и дефинитивно решавање на состојбите на целокупниот здравствен систем.
Како здружение и Унија на медицинските сестри и медицинските техничари, ќе продолжиме да се бориме за правата на нашето бројно членство.
Цврсто веруваме дека само обединет труд и напор – од страна на сите здравствени работници – може да се обезбеди подобрување на условите за работа и признание на нашата професија.
Нека и во иднина, вашата работа биде успешна, во контекст на нашата заедничка цел: создавање подобри услови за сите здравствени работници а со тоа и подигнување на вредноста и грижата за секој пациент без исклучок!