Општина Штип започна со аплицирањето на проектите кои ќе бидат финансирани преку вториот повик од Владата, за кои се обезбедени средства од унгарскиот кредит. Секретарот на општината, Вишна Шорова-Ангелова, изјави дека на располагање имаат околу 400 милиони денари (околу 6,5 милиони евра), кои ќе се искористат за реализација на осум големи проекти.
Таа посочи дека оваа недела ќе бидат поднесени апликациите за два проекти: еден за обновување на паркот во близина на бања Кежовица, и другиот за изградба на нова улица во центарот на градот. Како што ќе добиваат дозволи за градба, апликациите ќе бидат испратени до соодветните министерства.
- Во текот на оваа недела Општина Штип ќе аплицира со два проекти, односно изградба на парк во близина на бања Кежовица покрај коритото на река Брегалница, а другиот проект е изведба на улица која ќе ги поврзува улиците „Тодор Коларов“ и „Мирче Ацев“. Општината ќе аплицира и со втора фаза од завршување на обиколницата или изградба на мост на обиколницата, изјави Шорова Ангелова.
Меѓу проектите што се предвидени е и поставувањето на СКАДА системот, кој ќе овозможи ЈП „Исар“ да го контролира губењето и кражбите на вода. Најзначајниот проект, пак, е уредувањето на влезот во градот, односно доизградбата на булеварот „Гоце Делчев“, кој ќе се простира од Кампус 4 до кружниот тек.
Во следните денови се очекува да започне и изградбата на обиколницата која ќе го поврзува населбата Железничка со бањата Кежовица. Овој проект се финансира преку првиот повик на Владата, со средства од унгарскиот заем, а општината ќе поднесе апликација и за изградба на резервоар во близина на Филтер станицата, со цел да се обезбеди постојан проток на вода.