Здравствената состојба на папата Франциско, кој се бори со пневмонија, и понатаму е критична и „остануваме претпазливи во однос на прогнозата“ поради „сложеноста на неговата клиничка слика“, соопшти вечерва Ватикан.
Ватикан додаде дека папата нема дополнителни респираторни кризи, но дека има „лесна бубрежна инсуфициенција“. Тој продолжува да прима терапија со кислород со висок проток.
„Комплексноста на клиничката слика и потребното чекање за да стапат на сила фармаколошките терапии бараат од нас да останеме внимателни во однос на прогнозата“, се наведува во најновиот здравствен билтен.
Ватикан во неделата наутро објави дека Светиот Отец поминал мирна ноќ одморувајќи се.
Папата (88) беше примен во болница во Рим на 14 февруари, откако неколку дена имаше тешкотии со дишењето, а потоа му беше дијагностицирана пневмонија. Ватикан во саботата за прв пат ја опиша неговата состојба како критична, велејќи дека тој ден му бил потребен дополнителен кислород и трансфузија на крв.
Ватикан претходно соопшти дека папата нема да се појави во јавноста за да се моли со аџиите во недела, што е втора недела по ред кога го пропушта настанот. Франциско, кој е папа од 2013 година, страдаше од периодично лошо здравје во последните две години.
Тој е особено склон кон инфекции на белите дробови бидејќи кога бил млад заболел од плеврит и му бил отстранет дел од едното белодробно крило.
Извор: Курир.рс