Постапката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со патувањето на функционери од Северна Македонија на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сè уште е во тек, пренесува Порталб.мк.
Еден месец по отворањето на случајот, од ДКСК потврдуваат дека истрагата продолжува.
„По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесено соодветно решение, кое ќе биде разгледано на јавна седница на комисијата“, наведуваат од ДКСК.
Патувањето на владините претставници во Вашингтон предизвика бурни реакции во јавноста. Владата го претстави како значајно присуство, додека опозицијата го критикуваше како настан без конкретни резултати, оценувајќи дека бил искористен повеќе за лична промоција.
Во американската престолнина отпатуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, претседателот на Собранието Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити, министерот за здравство Арбен Таравари и лидерот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.
Инаугурацијата на Доналд Трамп се одржа на 20 јануари, а според американските медиуми, тој е првиот претседател во последниот век кој поканил странски лидери да присуствуваат на церемонијата, која традиционално била резервирана за дипломати и амбасадори.