Кратко по почетокот на судењето за убиството нa 29-годишната Емилија Пешева од Штип, обвининетиот Фадил Зејнелов го призна делото.
На прашањето на судечкиот судија Сашко Ѓоргиев дали се чувствува виновен, Зејнелов одговори потврдно и го призна делото.
Во Основниот суд во Штип денеска почна судењето против Зејнелов, кој на 1 ноември 2024 ја уби Пешева, со која бил во повеќегодишна врска и имаат дете. Зејнелов е обвинет за убиство со умисла додека вршел семејно насилство.
Според истрагата откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле близу домот на Емилија, во напуштен објект на Јавното претпријатие „Исар“ за да разговараат. Набргу разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој почнал силно да ја стега во пределот на вратот, при што дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во Полициска станица-Штип.
Емилија и претходно го пријавувала Зејнелов за семејно насилство. Последен пат го пријавила два месеци пред убиството, но ја повлекла пријавата.
М.К.