Совет на родители на ООУ,,Лазо Ангеловски”- општина Аеродром се обратија со писмо до министерката за образование, Весна Јаневска, за кончено решение на проблемот со врсничко насилство. Тие се незадоволни од она што досега го превземала министерката, а во страв за безбедноста на своите деца уште еднаш апелираа до Јаневска да превземе конкретни чекори за решавање на проблемот.
Соопштението од Советот на родители ви го пренесуваме во целост:
-Долг временски период сме сведоци како Совет на родители на нефункционирањето на системот во справувањето со врсничкото насилство. За жал на наше големо разочарување и по деновите, неделите, месеците кои ги побаравте од нас како временски период за разрешување на ситуацијата во која се наоѓаме никако да го изнајдете решението за овој наш случај. Многу пати се обративме до Вас гледајќи Ве како единствена надлежна за помош и поддршка, но Вие во различни медиумски изјави се прогласувате истовремено и за надлежна и за ненадлежна, префрлувајќи ја топката повторно
наназад кон училиштето, службите, општината. Како Совет на родители сведоци сме дека во изминатите три години, односно со првите несоодветни однесувања на ученикот училиштето започнува постапка за надминување на истото и во овие изминати години ги искористува сите законски
пропишани правила и процедури. Не треба да се промовира само „пријави насилство“ , а потоа целокупната работа да се сведе само и исклучиво на училиштето без притоа да се вклучи во
одредени случаи и системот во целост. Дали некогаш сте се запрашале дали во одредени случаи се доволни само разговори, работилници, индивидуална работа со учениците, советувања на родители, вонредни родителски средби, промена на наставен кадар….?
Почитувана, до кога ќе се разгледува и ќе се става акцентот на еден ученик наспроти 1510 ученика кога во Член 4 од Законот за основно образование се наведува дека „Сите ученици имаат право на грижа за физичка безбедност и здравје, еднаквост, достапност и пристапност“. До кога ќе бидеме заплашувани од позицијата на моќ на едните родители преку нивните познаници во системот исполнувајќи ги нивните желби и потреби наспроти сите ние кои деноноќно трагаме во потрага по правдата и еднаковоста пред законите? Од тие коишто очекуваме барем еднаш да ги разгледаат нашите претставки и да ги заштитат нашите деца, мислиме на ДПИ истите не напаѓаат дека со овој
случај сме им отвориле многу работа и сме ги поттикнале и останатите училишта јавно да проговорат со системските и законските потешкотии со кои се соочуваат во насока на сузбивање на врсничкото насилство.
Ве замолуваме уште еднаш под најитно да го решите овој проблем како што стои во добиените препораки од релевантните институции за да не се прашуваме по одреден временски период кога работите би излегле од контрола, каде погрешивме, што можевме да направиме, да го вперуваме прстот во виновникот, да ги бараме тогаш грешките на системот за што тогаш ќе биде премногу доцна.
Деновиве сме сведоци за жал на едни вакви исти пропусти на системот кој поминаа неказнето поради досегашната слабост на системот, а зад нив остана сведок еден млад прерано згаснат живот. Па затоа Ве прашуваме дали и нашите 1510 деца треба да бидат неми жртви на молкот на институциите или конечно Вие ќе бидете лицето на правдата и двигателот на промените кои ќе донесат еднаквост
на сите деца во остварување на нивните права. Ова не е само уште едно просто барање, туку и молба и апел од сите родители од едно од најголемите училишта во државата.