„Возот привремено не сообраќа“ – тоа е реченицата што ќе ја прочитате на возниот ред на Македонски железници за релацијата Скопје – Кочани. Тоа „привремено“ трае безмалку четири години. Последниот воз во Кочани од Скопје пристигнал во март 2021 година, кога излетала локомотивата кај Велес и била однесена на поправка. Од тогаш линијата е во прекин, што сега како што најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, дека полека ќе се враќаат возовите кон градовите, кои во минатото имаа редовен железнички сообраќај.
-Она што е наша амбиција во следниот период јас ги нарекувам овие возови градски возови, затоа што се работи за дистанци што и не се така големи, да пуштиме градски возови и до Тетово и до Гостивар, секако и амбиција да се врати целата линија до Кичево. Понатаму до Штип и Кочани, тоа е следната амбиција, рече Николоски.
Линијата до Кочани е најдобра илустрација за состојбите во македонскиот патнички сообраќај. За цело време, за овие четири години додека не возат возовите, вработените се на своите работни места. Шефот на железничката станица во меѓувреме и се пензионирал. Уште пред март 2021 година, пругата беше во многу лоша состојба, која патем воопшто не е употребувана со години. Станичарите забележуваат дека треба да се провери и состојбата со целата инфраструктура пред воопшто да се возобнови линијата.
Идентично е и кон Кичево. И овој воз не сообраќа веќе четири години. Во изјава од октомври 2024 година, министерот Николоски имаше друга слика за „градските возови“.
„Пругата кон Кочани и Кичево нема железнички сообраќај бидејќи не е електрифицирана, а дизел локомотивите се скапа работа за одржување. Тоа е една од работите кои ги работиме со Македонски железници, целосна електрификација на овие пруги. Во моментов нема економска исплатливост, каква таква има само за Коридор 10, кој е целосно електрифициран“, рече Николоски (октомври 2024).
Тој рече дека на македонски пруги секој ден возат 12 локомотиви, и додаде дека во јули минатата година не возела ниту една локомотива.
Денес, пак, тргнува првиот воз од Скопје за Куманово. Ќе се патува 41 минута, а возот ќе сообраќа двапати дневно. Во одредени делови од денот, возот ќе сообраќа и до Бељаковце, а кога ќе биде завршена пругата, и до Крива Паланка.
– Во 16:30 часот ќе тргне првиот воз од Скопје за Куманово. Возот ќе сообраќа двапати дневно, наутро во 6:30 ќе тргнува од Куманово, а во 16:30 ќе се враќа назад и обратно. Ќе има четири возови дневно кои ќе оперираат за 41 минута што е навистина брзо, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски по денешната посета на „Железници Транспорт”.
(В.К.)