МВР информира за сообраќајка, која се случила вчера, а во која учествувал актерот Сашко Коцев.
-На 27.01.2025 околу 19.15 част во Скопје, на подрачјето на Центар, С.К., управувајќи патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, не застанал на знак за запирање даден од полициски службеник кој извршувал службени дејствија, агресивно се однесувал, по што со возилото го удрил полицискиот службеник и го напуштил местото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.
ММС стапи во контакт со актерот, кој не негира дека тогаш бил на местото на настанот, но дека далеку од тоа дека се однесувал агресивно и дека повредил полицаец.
-Мислам дека нема потреба да се прави драма, бидејќи воопшто не е така. Не сум прегазил никого, па јас не сум возел 200. Само се приближив, полицаецот, за кој немав поим дека е полицаец, бидејќи беше во цивилно, се поттргна. Со сопругата го земавме детето од балет и во центар кај „Мериот“ кога поминував не можевме да поминеме, стоеше автомобил со отворени врати. Им реков кои сте вие, што сте затвориле улица, се приближив со колата, а полицаецот се потргна и удри по хаубата на мојот автомобил и рече- сега ќе видиш кој сум. Од ударот детето се исплаши и почна да плаче. Значи само е направена поголема драма. Навистина нема потреба од сензација, изјави Коцев за ММС.