Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на работна средба го примил Карло Реслер, европратеник и ко-претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет на Република Северна Македонија и Европската унија.
На средбата, соопштија од МНРиНТ, се дискутирало за напредокот на државата кон европската интеграција, идните чекори во процесот, како и можностите за зајакнување на соработката.
Министерот Муцунски ја потврдил цврстата решителност на Владата да постигне напредок на европскиот пат на земјата, обезбедувајќи стабилен реформски процес во клучните области, унапредување на економските капацитети и подобар животниот стандард на граѓаните. Притоа тој се осврнал и на добрососедските односи, потврдувајќи ја посветеноста на наша страна за нивно постојано унапредување врз основа на принципите на меѓусебна почит и доверба.
– Двете страни го нагласија значењето од одржување на конструктивен дијалог со Европскиот парламент на сите нивоа и продлабочувањето на соработката за унапредување на заедничките интереси. Министерот Муцунски му се заблагодари на европратеникот Реслер за одличната соработка и континуираната вокална поддршка на Европскиот парламент во однос на евроинтеграциите на земјата и изрази очекување дека во наредниот период со заеднички напори ќе успееме да постигнеме конкретен напредок на патот кон ЕУ, се додава во соопштението.
МИА