„Државниот буџет би се преполнил доколку еден испектор во декември ревносно би се посветил на примената на Законот за заштита од пуштењето“. Ова е еден од коментарите од бројните новогодишни забави по популарните места за забава, каде чадот од цигарите е само потврда на исправноста на ставот. Во еден од десет објекти каде инспекторите влегле, утврдено е кршење на законот за заштита од пушењето и изречени се парични казни, соопшти Пазарната инспекција. Законот дозволува пушење на обични и електронски цигари исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично). Но, се’ повеќе граѓани се жалат дека угостителските објекти одамна го прекршуваат Законот и поминуваат без казни.
Дел од нашите млади соговорници сметаат дека треба поригорозни контроли на објектите кои немаат пристојна вентилација.
-Во многу угостителски објекти на тие затворени “тераси” е дозволено пушењето, а често се случува тој дел да е отворен со непушачкиот дел на објектот. Особено сега во зимскиот период кога не се ни проветрува, а често и во објектите иако има вентилација не се употребува, знае да биде многу лошо. Често се случува очите да ме печат од чадот, почнувам да кашлам, а кога ќе излезам надвор облеката, косата, па дури и кожата ми мириса ужасно. Јас иако не сум активен пушач, верувам има и пушачи на кои им смета чадот, ни рече Сара од Штип(21).
Таа смета дека проблемот може да се ублажи со почести инспекциски надзори во многу од угостителските објекти и да се утврди дали се почитуваат законите, особено кај популарните места за излегување, каде има многу млади.
За една година 1157 контроли
Низ бројки, од Пазарниот инспекторат изнесуваат податок дека во текот на 2024 година во врска со Законот за заштита од пушењето извршени се вкупно 1157 инспекциски надзори и издадени се вкупно 98 прекршочни платни налози.
„Согласно член 9, казната за правен субјект изнесува од 2000 до 4500 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице во правното лице од 500 до 1000 евра во денарска противвредност, информираат од ДПИ.
Но, што се овие бројки во споредба со податокот дека сме меѓу најпушачките нации во светот. Преваленцата на употреба на тутун во Македонија е меѓу највисоките во Европа и достигна 45,4% во 2023 година. Просекот на ЕУ беше 24% во 2023 година. (Преваленцата е статистички термин кој се користи во епидемиологијата за да се изрази вкупниот број на болни лица во рамките на една популација во дадено време во однос на целата популација, без разлика кога се појавила конкретната болест).
Според истражувањето од 2023 година, спроведено од СЗО, 93,4% од возрасните корисници на тутун во Северна Македонија пушат цигари (и традиционални произведени и рачно завиткани). Ова е благ пад во споредба со 97,5% во 2019 година, што укажува на растечка преференција за други тутунски производи. Тука пред се’ значаен е порастот на електронските цигари. Овој тип на цигари во внатрешноста на објектите се дозволени од причина што истите немаат чад како обичните цигари и покрај тоа што и тие мирисаат и се штетни за здравјето на луѓето.
Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика Тинк Танк вели дека со оглед на фактот што овие производи земаат голем замав на пазарот, но и се повеќе се користат од страна на младите, потребно е итно да се регулираат со закон.
„Овие производи кај нас не се сметаат за тутунски производи и затоа не се регулирани. Потребно е итно да се ревидира одлуката на Министерството за здравство во насока на внесување на овие производи во законот а со тоа и нивна забрана за употреба на јавни простори. Во никој случај електронските цигари не се поздрава варијанта, нема ниту една студија што го докажува тоа. Да се забрани нивна реклама, која во моментов е исклучително агресивна од страна на тутунските компании. Ова заради фактот што поради нивната сеуште ниска цена и привлечен модерен изглед, се особено атрактивни за младите“, изјави Мијовиќ Спасова.
Во септември минатата година Аналитика Тинк Танк во соработка со Светска Банка направи истражувачка студија која се однесува на употребата на несогорливи производи од тутун и електронски цигари во Македонија.
Електронска цигара – не гори но го загрева тутунот
Несогорливи производи од тутун (IQOS) е всушност цигар со тутун кој не се пали туку се загрева и кој исто така е штетен. Овој тип на технологија за загревање на тутун често се нарекува „heat-not-burn“, бидејќи го загрева тутунот наместо да го гори како кај цигарите.
Електронските цигари пак имаат течност во нив, не состојат тутун, туку имаат состојки како вода, можат да содржат никотин и други состојки.
Ова истражување покажа дека електронските цигари се попопуларни кај помладата популација во земјава, додека постарите пушачи на цигари имаат помала веројатност да ги напуштат произведените цигари и да се префрлат на овие производи. Една од главните причини заради која ги користат овие прозводи отколку цигарите е нивната неограничена употреба на јавни места.
„Оние што користат и произведени цигари и нови производи (несогорливи производи од тутун НТР и е-цигари) трошат повеќе на својата навика во споредба со оние што користат еден производ. Двојните корисници на произведени цигари и е-цигари пријавуваат највисока просечна месечна потрошувачка од 5.034 денари за нивната зависност од никотин. Ова претставува 12% и 22% од просечната и минималната месечна плата во Северна Македонија“, стои во истражувањето.
Забраната за употреба на HTP и на електронски цигари на јавни места сега е вообичаена практика во многу европски земји.
„Со оглед на тоа што корисниците на никотин ги перцепираат HTP и е-цигарите како поздрави алтернативи на произведените цигари, постои јасна потреба за интервенција на политиката. Таа треба да ги адресира овие заблуди и да ја подигне свеста за реалните здравствени ризици поврзани со овие производи. Ова може да вклучи насочени едукативни кампањи, подобар пристап до информации и построги регулативи, се наведува во истражувањето.
Строга забрана на пушење во многу европски градови
Во многу европски земји, пушењето е строго регулирано, па се дозволува пушење само на тераси кои се целосно отворени и овозможуваат непречен проток на воздух. Непушачите бараат почитување на нивното право на чист воздух, сега дополнително загаден и од електронските цигари.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека на територијата на целата држава постојано се вршат вонредни инспекциски надзори по основ на Законот за заштита од пушењето и дека објектите во кои се констатирани неправилности се санкционирани соодветно со законот.
Во однос на електронските цигари, од таму кратко рекоа дека е потребно да се изврши измена во Законот со цел да се регулираат цигарите од несогорлив тутун (електронските цигари).
„Носител на Законот за заштита од пушењето е Министерството за здравство на РСМ а органи кои го спроведуваат се повеќе институции меѓу кои и Државниот пазарен инспекторат во својата област. ДПИ согласно своите законски надлежности има обврска да доставува извештаи за извршените надзори до соодветни инстититуции на месечно, полугодишно и годишно ниво, објаснуваат од ДПИ.
Од Инспекторатот нагласуваат дека во случај да има потреба за измени на Законот за заштита од пушењето, носителот е тој кој може истите и да ги иницира, односно Министерството за здравство.
К.Трајчов