Општина Штип очекува по основ данок на имот да инкасира 6 милиони денари повеќе од лани или во апсолутни бројки, 60 милиони денари, што е повеќе од ланските 54 милиони денари.
Причината за зголемувањето на сумата е во зголемениот број на решенија, односно поради зголемување на имотот, изградба на куќи, станови и објекти, како и нови пресметки за данок:
- Во претходната година сме доставиле 17.930 решенија, а годинава Одделението ќе испорача околу 18.300 решенија за данок на имот. Лани очекуваниот износ за прибирање на средства од данок на имот бил 54 милиони денари, а сега општината планира да собере по основ на данок на имот на физички и правни лица 60 милиони денари, вели Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип.
Од општината апелираат граѓаните да ги ажурираат своите промени во имотната состојба сега, пред изработувањето на решенијата, за да не им пристигнат решенија со неточна имотна состојба.
Исто така, општината планира со текот на времето да го дигитализира процесот на достава на решенија.
- Ги повикуваме во текот на 2025 година на шалтерите во општината да извршат ажурирање на своите податоци, со што ќе достават и мејл адреса, која во иднина ќе ја користиме за дигитализација на процесот на достава на решенијата за данок на имот, додава Каров.
(М.К.)