Утре од 11:00 часот започнува протестот на вработените во јавната администрација пред Министерството за животна средина и Министерството за европски прашања за покачување на платите на вработените во администрацијата за 30%.
Надлежното Министерство за јавна администрација смета дека барањето од 30% покачување е премногу:
- Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
За тоа колку треба да се покачат платите, министерот посочи дека тоа зависи од Министерството за финансии, но нагласи дека при доаѓањето затекнале „огромни дупки во буџетот“ и дека „не може преку ноќ да се решат проблеми наталожени 30 години наназад“.
Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) сметаат дека 30% не е ниту премногу, ниту пак може да се нарече „покачување“ на плата:
- Ние мислиме дека е доста разумно барањето за 30% додаток на плата, не е ниту зголемување на плата, туку додаток на плата. Не знам министерот од каде ги црпи неговите информации, од една страна вели дека е многу, а од друга страна вели дека платите во администрацијата се многу ниски. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, дали некој ќе го слушне нашето барање, дали ќе направиме средби со министерството, односно министерството за финансии и како што кажав и претходно, за тоа одлучуваат членовите на синдикатот, односно синдикалните организации, дали ќе прераснат протестите во некој друг начин на изразување на незадоволство, вели претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Во меѓувреме, фокусот на Владата околу јавната администрација е на предлог-законите за реформи на јавната администрација – Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.
Со новите законски решенија треба да се реформира администрацијата во која, како што рече Минчев, само 30 до 40% од административците си ја работат работата, има одреден дел што воопшто не работат, во некои институции има дефицит од кадар, а некаде, пак, превработеност.
Сепак, за да има ефикасност треба да има и пристојна плата, сметаат синдикатите.
- Вработените бараат потпишување на Колективен договор и добивање на додаток на плата во висина од 30%, токму поради тоа што имаат најниски плати во државата… Од ден на ден ќе се договараме како ќе тече текот на настаните, дали ќе има протести секој ден, дали еднаш или двапати во неделата, за тоа одлучува членството, односно синдикалните организации, додава Деаноски.
(М.К.)