Точно еден месец и три дена траеше забраната за употреба на водата за пиење од водоводот што ја издаде Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) поради зголемени количини на манган. За тоа време, водата можеше да се употребува како техничка, додека за пиење, вода од цистерни или купена флаширана од маркетите.
На 15 декември со направените анализи е симната забраната, откако количината на манганот во водата за пиење се нормализирала. Меѓутоа, како се случи тоа, кој е изворот на манганот и што точно е направено, во општината Берово и во Јавното претпријатие „Услуга“ немаат никакви информации. Имено, Берово со вода за пиење се снабдува од Беровско езеро со кое стопанисува државното ЈП „Водостопанство“, кое му продава вода на општинското „Услуга“ и до општината не доставиле никакви информации.
– Добивме дозвола за употреба на водата, но не и одговори како се нормализирале вредностите на манганот. Не дојдоа ниту од Хидробиолошкиот завод од Охрид, институција која требаше да направи испитување, со цел да го знаеме изворот на проблемот, изјави градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.
Градоначалникот вели дека не можат да знаат дали проблемот го реши испуштањето на водата од езерото, што ја направи „Водостопанство“, како еден од обидите за намалување на концентрациите на манганот.
Со прашања за исправноста на водата за пиење, но многу повеќе за идните чекори со кои би се избегнале подолготрајни прекини на употреба на водата од водоводот настапија членовите на Советот на општина Берово пред директорот на јавното претпријатие. Меѓутоа, како што објасни директорот Илија Рунтевски, немаат никакви информации освен извештајот кој ја потврдува исправноста на водата за пиење.
-Тоа е многу несериозен пристап на институциите. Не е направено длабинско мерење како што баравме и не можеме да кажеме каде е проблемот. Моментално немаме никаква информација каде е проблемот, одготови Рунтевски.
Со оглед на тоа дека и Струмица и Берово имаа идентичен проблем со речиси идентични околности – зголемено присуство на манган во водата за пиење која им доаѓа од езера, како што објасни Рунтевски, бил одржан состанок во Скопје, на кој било формирано работно тело на општините кои земаат вода од „Водостопанство“ и претставници на институциите на централната власт.
-Предложено е да се направи акциски план за утврдување на состојбата со браните. Ни беше презентиран и Правилник за делување во кризни состојби. Но, засега немаме никакви податоци за мерењата, бидејќи не се направени, рече Рунтевски.
Советниците инсистираа дека треба да се ангажира приватна лабораторија, која ќе ги даде бараните одговори, меѓутоа, како што кажа директорот на „Услуга“, овој даден предлог од нивна страна бил одбиен од „Водостопанство“ со образложение дека тоа е работа на Хидробиолошкиот завод од Охрид. Меѓута, на тоа мерење уште се чека.
Советниците предложија да се бараат алтернативни решенија за водоснабдување, нови буштини, бидејќи секоја година се’ повеќе се намалуваат водите во браните и езерата, бидејќи, како што рекоа, недозволиво е да се живее еден месец без вода за пиење, како што беше случајот со Берово.
В.К.