Ќе нема повеќе паушали и надоместоци за членовите на управните и надзорните одбори на државните фирми, откако вчера во Собранието беа донесени измените и дополнувањата на Законот за трговски друштва:
„Имаме лимитирање на паушалите што претходно ги земале, во одредени државни претпријатија биле огромни во однос на надзорните и управните одбори, така да ќе биде унифицирано и лимитирано со промените на законот на целата територија на Република Македонија, членовите ќе земаат една четвртина од просечната плата во државата, а тоа некаде ќе биде 150 до 200 евра максимум, вели заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Освен ограничување на висината на паушалите, законот ги заострува и критериумите за избор на член на управен или надзорен одбор.
„Во делот на претпријатија кои што се во доминантна државна сопственост имаме промени во однос на бројот на членовите, значи ограничување на бројката на членови во надзорните и управните одбори, и поголема професионалност на членовите кои ќе членуваат, во однос на нивното образование, искуство и така натаму, со што очекуваме поголема функционалност на претпријатијата во иднина, додава Ристески.
Во меѓувреме, сè погласни се најавите за законска иницијатива за замрзнување на платите на функционерите, откако пред година и половина Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто. Тогаш вкупно 1060 државни функционери беа опфатени со енормното зголемување на платите.
(М.К.)