Пресврт во судењето за тројца поранешни високи функционери на ВМРО ДПМНЕ, откако Обвинителството дало мислење дека судењето за Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски треба да запре. Тројцата се обвинети дека се организатори на крвавите настани од Собранието, познат како случај 27-ми април. Обвинителството смета дека судењето треба да запре бидејќи претходно биле амнестирани, согласно законот за амнестија.
Овој закон претходно беше применет и за дел од обвинетите кои одговараа како извршители. Одлуката како понатаму ќе се постапува, судијата ќе ја донесе на следното рочиште, откако денешното беше одложено. Судењето за тројцата обвинети како организатори на настаните се одржува откако предметот беше вратен по жалба на Апелација.
Мислењето, како што обаснува ЈОРМ во соопштение. е донесено врз основа на заземен став на Стручниот колегиум на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во проширен состав, откако со напатствија на Апелацискиот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје беше задолжен да се произнесе во поглед на важењето на амнестијата за дел од обвинетите.
„При носењето на мислењето, јавното обвинителство ја имаше предвид и правната аргументација од веќе донесеното решение на судот од 20.12.2018 година со кое еден обвинет беше ослободен од гонење за кривичното дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок од чл.313 од КЗ пред фазата на изведување на докази. Во мислењето се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, дотолку повеќе ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани. Ваквото мислење јавниот обвинител детално го образложи, пред сѐ имајќи ги предвид обележјата на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок“ и својството во кое секој од обвинетите ги исполнил тие обележја, а кое својство е клучно за оценка дали може или не може да се примени институтот од Законот за амнестија.Обвинителството во мислењето на јасен начин се произнесе во однос на примената на Законот за амнестија истакнувајќи: „Обвинетите бараат примена на овој закон, кое нешто како уставно право секако им припаѓа, да се повикаат на примена на институтот кој е отелотворен во донесениот закон за амнестија. Оттука барањето на одбраната за примена на законот, за нивен еднаков третман пред законот како и останатите осомничени и обвинети кои добија амнестија врз основа на истиот закон е нешто кое не може да се спори“, стои во соопштението од ЈОРМ.
За четвртообвинетиот во случајот, Владимир Атанасовски, како што се објаснува од обвинителството, не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение.
По даденото мислење, во јавноста се појавија некои правни толкување дека со ова се отвора пат за целосно да падне случајот 27 април.
За овој насилството во Собранието беа обвинети 33 лица, од кои 15 лица беа помилувани. Поголем дел од нив по годините поминати во затвор, деновиве се на прекин на затворската казна.
Во предизборието од сега владејачката ВМРО ДПМНЕ беа изнесувани ставови дека случајот е правна небулоза и е граден врз политички мотиви, наместо врз правни аргументи.