Македонија има убедливо најевтини цигари во регионот, и покрај тоа што нивната цена е порасната. Цената на цигарите е покачена минимално и не го следи растот на минималната плата и се многу евтини и во споредба со платата и во споредба со другите добра кои што се целосно под инфлација, за ММС вели Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика Тинк Танк, независна институција која прави различни студии преку кои предлага за системски проблеми.
Токму во нивната најнова студија од истражувањето за „Ефектот на истиснување на потрошувачката на тутун врз буџетот на домаќинствата во РС Македонија“ и „Влијанието на цените на цигарите и политиките за контрола на тутунот врз иницијацијата со пушење кај младите“ се зборува за состојбата во државата со користењето на цигари.
„Просечната цена на цигарите е 150 денари. Имаме и многу поевтини и поскапи, но цената се движи од 120 до 150 денари. Покрај тоа што пушењето на нас ни е како традиција, се смета како нормална појава и секој може да си ги дозволи,а и секаде ги има. И покрај тоа што е забранета продажба на малолетници, сепак им се достапни. Од кога беше тргната забраната за пушење во јавни простории, повторно почна да се пуши, исто и тоа е факт кој доведува до зголемено пушење низ годините. Во 2010 година нашите анализи покажаа дека имало најмала потрошувачка на цигари, токму таа година кога се воведе забраната“, изјави Мијовиќ Спасова.
Таа објаснува дека во Македонија 2500 смртни случаи би се намалувале годишно ако се престане да се пуши.
„Од Министерството за здравство рекоа дека во моментов се прават огромни напори заедно со матичните лекари на секој преглед пациентите да се изјаснуваат за тоа дали се пушачи или не и веднаш да им бидат кажани начините за откажување, информации за центри и терапии за откажување. Мораме да направиме нешто по ова прашање. Покрај заболувањата како срцеви проблеми или канцер, и белодробните заболувања се појавуваат како резултат на пушењето“, рече таа.
Мијовиќ Спасова истакна дека во Македонија, процентот на пушачи кај возрасните изнесува 48,4 проценти, домаќинствата со пушачи издвојуваат дури 13,2 проценти од своите буџети на цигари, што е значително зголемување од 10,3 проценти во 2018 година.
„Во однос на цената на цигарите, ако одиме по акцизен календар ние никогаш нема да го постигнеме ефектот на откажување од цигарите затоа што гледаме дека цената минимално се покачува, меѓутоа ако има драстично зголемување, конкретно годинава предвидовме од 20 до 30 отсто зголемување на цената и со тоа поинтензивно зголемување ни се покажа дека ќе се намали преваленцата на возрасни луѓе пушачи од оние 48 отсто на од прилика 42-43 отсто. Тоа можеби изгледа малку во процентни поени, но воопшто не е бројка за занемарување. Не е исто ако секоја кутија чини од 220 до 250 денари“, потенцира Мијовиќ Спасова.
Дури 80 проценти од младите не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.
„Тоа значи дека малолетник без проблем купува цигари и воопшто не е спречен. Тоа е прв фактор за тоа дека им се достапни и евтини. Просечна возраст за започнување со пушењето цигари е 13.5 години. Дури 75 отсто од младите кои се на возраст од 13 до 15 години започнуваат со пушење пред нивната 13 годишна возраст. Друг важен фактор е пушењето на родителите во рамките на семејството кое има многу големо влијание. Имено, 70 проценти од младите чии родители се пушачи, имаат поголема веројатност да започнат со пушење од оние чии родители не пушат. Исто така, 60 проценти од младите кои се дружат со нивни врсници имаат веројатност и тие да почнат со пушење“, објаснува таа.
Во однос на забраната за пушење во затворени простории која беше воведена во 2010 година, таа смета дека повторно мора да се врати.
„Има еден друг аспект овде каде угостителските објекти тврдеа дека токму поради таа забрана имале големи загуби, па така се воведе тие да имаат тераси од 30 метри квадратни кои ќе бидат наменети за пушење и сето тоа е во ред. Но, истото ќе беше во ред ако навистина само во тие заградени простории се пушеше. Ние сме сведоци дека не е така и дека во секој простор од рестораните се пуши. Барем да има спроведливост на законот. Потребни се повеќе контроли на инспекторите, каде ќе се пуши само во оние простории што се наменети за тоа. Друг проблем е несоодветната вентилација која тие објекти ја имаат. Не е само таму проблемот. Ние имаме пушење и во државни институции, во болници и факултети“, децидна е Мијовиќ Спасова.
Таа предложи неколку решенија со кои генерално ќе се намали пушењето, но и бројот на смртни случаи токму поради пушењето цигари.
„Мора да се делува со зголемување на цената и акцизата, меѓутоа паралелно кај младите прво да се делува со превенција и едукација за да не лечиме нешто за кое што сме направиле штета каде ќе се зголеми свесноста за воопшто да се нема желба за пушење. Мора да има пристапни програми, како и ресурси за откажување од пушење. Важно е и спроведувањето на законот и добра имплементација на истиот. Покрај тоа, приходите од акцизите да се пренаменуваат и истите да се инвестираат во програми за здравствена заштита“, вели таа.
Кристијан Трајчов