Вчера беа испратени на депонирање комунален отпад на депонијата во Општина Кочани и тоа три камиони на ЈП „Солидарност“ Виница и еден камион од ЈП „Водена кула“ Зрновци. Како што велат од ЈП „Солидарност“ од Виница за ММС, ова било направено по насоки од Министерството животна средина и просторно планирање.
„Од Министерството не известија дека можеме слободно да депонираме во Кочани, после состанокот што се одржа во Кочани во вторникот, а сето тоа во согласност со Одлуката на Владата на РМ од 2021 година. Градоначалниците од сите три општини кои треба да депонираат во Кочани поднесоа заедничко Барање за асистенција до МВР Кочани, за да не дојде до несакани инциденти поради тензичната состојба околу комуналниот отпад која владее во регионот. Согласно наредбите од нашите градоначалници, ние ги пуштивме камионите да депонираат во Кочани“, велат оттаму.
И покрај активната одлука на Советот на Кочани дека не смее да се депонира отпад во нивната депонија од соседните општини Виница, Зрновци и Облешево, сепак по наредба на ресорното министерство, општините Виница и Зрновци го депонираа својот отпад.
„Општина Виница донесе Одлука за одредување нова времена локација за депонирање на комуналниот отпад на територијата на општината и побаравме Согласност на таа одлука од Министерството за животна средина и просторно планирање, но бевме известени дека не смееме да отвараме нови депонии, ниту пак да ги реактивираме веќе затворените депонии во Виница, Блатец и Истибања. Така да, одговорот е дека не планираме да ја активираме нашата стара депонија бидејки не смееме“, објаснуваат од Јавното претпријатие.
Насоките се дека до изградбата на претоварната станица која ќе биде лоцирана на територија на Општина Виница на која ќе депонираат сите четири општини од регионот, меѓу кои и Општина Кочани, бидејќи и нивната сегашна депонија ќе биде затворена целосно како онаа во Виница, општините Виница, Зрновци и Чешиново – Облешево својот собран комунален отпад мора да го депонираат во депонијата на Општина Кочани.
„Ние своеволно не го носиме нашиот отпад во Кочани, туку по наредба од Владата и ние ќе ја почитуваме таа одлука. Нашата депонија беше оддалечена два километри од градот и во рамница и трошоците за целокупната дејност ни беа константни. Меѓутоа, со Одлуката да се депонира во Кочани нашите трошоци се зголемија енормно бидејќи транспортираме на дистанца од 22 км во еден правец, зачестија дефектите на нашите возила поради оддалеченоста и успонот кон депонијата, и во еден период сите пет камиони со кои располагаме беа дефект. Во тој период отпадот во Виница го собиравме со камиони од Кочани и Зрновци, за што сме им многу благодарни. Значи, ако на нас ни дозволат од Министерството да депонираме на некоја локација во Општина Виница, ние никогаш нема да носиме отпад во Кочани, туку кај нас ќе го депонираме, со помалку трошоци и без тензии“, додаваат тие.
Јавното претпријатие „Солидарност“ се надева дека ќе се надмине овој проблем и дека ќе продолжи со одличната соработка која ја имаат со Општина Кочани.
Кристијан Трајчов