Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи ги чинат граѓаните повеќе од еден милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според ЦГК, најмногу пари за оваа намена трошат општините Кавадарци и Струмица, како и Градот Скопје. Само првите десет општини што трошат најмногу пари за оваа намена, трошат околу 80 % од парите што ги потрошиле сите општини заедно.
Во 2023 година, најмногу пари потрошила Струмица, речиси 190 илјади евра. Следно е Кавадарци со 156 илјади, а главниот град потрошил нешто повеќе од 110 илјади евра. Штип е четврти со скоро 86 илјади евра. Велес и Кисела Вода потрошиле по околу 48 илјади евра, а Куманово 45 илјади. По 30 илјади евра потрошиле Берово и Битола.
Состојбата е слична и во 2024 година, за која недостигаат сите податоци и ќе бидат достапни дури откако годината ќе заврши. Иако податоците се до октомври 2024 година, сепак извесно е дека најмногу пари ќе потроши Кавадарци, единствено преку 200 илјади евра. Струмица годинава е на второто место, со потрошени 124 илјади евра. Кисела Вода „засилила“ на трошењето со скоро 65 илјади евра, а буџетското ќесе го „одврзала“ и Крива Паланка, која потрошила 55 илјади евра. Малите општини, Валандово и Гевгелија се следни со по околу 44 илјади евра секоја. Околу 40 илјади евра трошат Битола и Берово, па следат Неготино и Велес со по околу 34 илјади евра.
Некои општини кријат колку плаќаат на индивидуалните изведувачи
Кога станува збор за поединечните манифестации или изведувачи, не сите општини кажуваат колку пари, поединечно, ги чини некоја манифестација, или изведувач. Некои општини ги кажуваат трошоците за сите манифестации заедно, или пак, за сите изведувачи заедно затоа што „најмуваат“ фирма на којашто ѝ ги префрлаат сита пари, а таа потоа ги организира манифестациите и ги плаќа изведувачите.
Таков е примерот со Општина Кавадарци која троши најголема вкупна сума за забавни манифестации, но не објавува колку пари поединечно ја чини секоја од четирите манифестации, колку што ги организира годишно или, пак, колку пари исплатила на некој поединечен изведувач.
Од оние општини кои ги обелоденуваат поединечните трошоци, произлегува дека најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал „Get EXITed“ кој чини повеќе од 138 илјади евра. Потоа е штипската Пастрмајлијада со речиси 60 илјади евра. Кисела Вода платила за двете манифестации заедно – „Културно лето“ и одбележувањето на роденденот на општината – околу 48 илјади евра. Следен е повторно еден струмички фестивал „Струмица опен“, а потоа велешкиот фестивал посветен на нивната пита.
Северина и Розга со хонорари над 20.000 евра
Според познатите податоци за исплатените износи на поединечните изведувачи, најмногу пари се плаќаат на пејачи и пејачки од поранешните југословенски простори. Така, најскапо платена индивидуална изведувачка е Северина Вучковиќ, за која Општината Крива Паланка потрошила повеќе од 25 илјади евра од својот буџет.
Следна на листата – најплатени индивидуални изведувачи – е Јелена Розга, која од беровската општина добила 22 илјади, а од пробиштипската 20 илјади евра. Или заедно за двата настапа заработила повеќе од 42 илјади евра.
Следи Хари Мата Хари кој од Неготино добил 19,5 илјади евра, а веднаш зад него е пејачот Саша Матиќ кому Велес му исплатил 17 илјади евра.
По 13 илјади добиле домашната пејачка Бојана Скендеровски, од Општина Неготино; групата С.А.Р.С. од Општина Велес; и пејачот Петар Грашо од Општина Градско. Само 11 илјади евра добила домашната пејачка ѕвезда Каролина Гочева од Општина Крива Паланка.
Минатата година, пак, најскапо платен бил Саша Ковачевиќ, кој од Општина Штип добил повеќе од 25 илјади евра, а на второ место е Даниела Мартиновиќ која од истата општина добила 14 илјади евра, односно дури 10 илјади помалку од нејзиниот колега Ковачевиќ.
Речиси колку Даниела Мартиновиќ добил и Жељко Самарџиќ, од Општина Берово, а домашната група Меморија добила 12 илјади од Општина Велес.
Речиси 9 илјади евра, од Општина Гостивар добило културно-уметничкото друштво Јахи Хасани, а Општина Штип му платила скоро 8 илјади евра на Амадеус бенд.
Домашните изведувачи со значително поскромни хонорари
Кога станува збор за домашните изведувачи, тие добиваат значително пониски хонорари отколку нивните колеги од другите држави од поранешната југословенска заедница. Најплатена домашна изведувачка годинава е Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата Неготинска вечер добила 13.008 евра. Втора на листата „најплатени домашни изведувачи“ во 2024 година е поп-ѕвездата Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива Паланка – Град на културата добила 11.110 евра. Трет на оваа листа е Кирил Џајковски кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество на манифестацијата Ревијална вечер на Фолк-фест. Другите домашни изведувачи добиваат многу поскромни хонорари (список на сите исплатени хонорари по општина, изведувач, износ, дата и манифестација има во прилог на овој извештај, во отворен формат).
Од податоците на општините коишто не кажуваат колку пари ги исплатиле поединечните настапувачи, туку само вкупната сума што ја исплатиле на фирмата организатор, произлегува дека најмногу пари добиле неколку домашни фирми.
Прва годинава е Иноватива груп, која за организација на четирите забавни манифестации во текот на годината, од Општина Кавадарци добила 202.098 евра. Втора е Спектаклум ДООЕЛ која за организација на забавни манифестации во две општини, Кисела Вода и Вевчани, годинава добила 84.715 евра. Следна е Скендеровски продукција која за организација на 4 манифестации во Битола, Гевгелија, Крива Паланка и Свети Николе добила од соодветните општини вкупно 35.203 евра.
Целото истражување можете да го прочитате ТУКА.