Годинава орденот ,,Свети Никола”, кој секоја година општина Штип го доделува по повод патрониот празник на градот, ќе му припадне на фудбалскиот репрезентативец и клубски интернационалец, Бојан Миовски. Покрај орденот, општината доделува и 4 признанија.
,,Добитници на признанието 19 декември се „КТМ Енерџи Солушн“ ДОО, како општествено одговорна компанија, потоа д-р Александар Митевски, хирург, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип и Одбојкарскиот клуб УГД Штип, соопшти советникот за култура при општина Штип, Кирил Панајотов.
Традиционално Општина Штип заедно со Брегалничката епархија по повод празникот ќе организира програма во два дена, на 18-ти и 19-ти декември, во која се вклучени повеќе црковни и општествени активности.
Во среда во 18 часот во Соборниот храм ,,Свети Никола” започнува вечерна богослужба, по која следува Свечена академија на која ќе бидат доделени орденот и признанијата.
Следниот ден има утринска литургија во 8 часот, а од 11 часот стартува литијата кон пешачката улица ,,Ванчо Прке”, каде ќе биде пресечен празничниот колач.
(М.К.)