Граѓаните на Кочани повторно се чувствуваат измамено. И покрај одлуката која пред извесен период Советот на Кочани ја донесе, а со која се утврди дека нема да се носи отпад од општините Виница, Облешево и Зрновци во депонијата во Кочани, сега повторно е актуелен истиот проблем.
На последната јавна расправа во Кочани одржана викендов на која присуствуваа граѓаните заедно со повеќе општествени чинители, беше најавено дека ќе присуствува и претставник од Министерството за животна средина, но тој не дошол или, како што велат, воопшто немало таков кој треба да присуствува.
За ова, но и генерално за загадувањето во Кочани ММС разговараше со граѓанската активистка од Кочани, Благица Сабовљевиќ Стоименова, според која, последните случувања во однос на средбата се една голема лага и укажува на едно големо лицемерие од институциите.
„Граѓаните на Кочани им отворија срце и душа на институциите, сакаме да им бидеме соработници, волонтери. Советот претходно ја донесе одлуката отпадот од другите општини да не се носи кај нас, но изгледа постои силен притисок од Министерството за животна средина. На последната средба требаше да биде присутен претставник од тој ресор, но не дојде. Тоа треба отворено и искрено да се каже, а не да закажуваат лажни средби. И покрај целиот притисок, нашата депонија не е спремна отпадот на другите општини да се носи во Кочани. Ние немаме доверба во институциите, не можеме да ризикуваме и да им веруваме. И тие знаат дека нема да им биде дозволено соседното ѓубре да се носи во нашата депонија се до моментот додека не ја видиме изградбата на регионалната депонија во Мечкуевци, проект кој е од 2015 година“, вели таа.
Сабовљевиќ Стоименова тврди дека средбата била лажна и дека никој од надлежните воопшто не биле поканети.
„Ние не смееме да дозволиме нов демоцид врз граѓанството. Средбата која беше закажана сметаме дека беше лажна. Средбата беше закажана буквално еден ден претходно. Тие изразија желба за да дојде до средба и покрај тоа што веќе го знаат нашиот став. Мој став е дека ние воопшто не треба да комуницираме со Владата бидејќи 18 дена на студ ги чекавме пред депонијата. Никој од нивните претставници не дојде да се соочи со граѓаните и да ги праша за каков проблем се работи. На крајот состанокот го преформулираа во јавна трибина, ајде нека е и тоа. На јавна расправа со министерството немаше претставник од тоа министерство, каков апсурд. Наместо нив, присутен беше пратеникот Миле Лефков. Ние сме свесни дека и граѓанството не е совесно во однос на општествената култура“, објаснува Сабовљевиќ Стоименова.
Таа е децидна дека Кочани е страшно заболен град и никако не смеат ова да го продолжат.
„Ние не сакаме ниту туѓи пари, ниту туѓо ѓубре. Здравјето со пари не се купува. Во Кочани има 27.000 граѓани од кои скоро пола имаат здравствени проблеми поради загадувањето, а 6.000 се со респираторни болести исклучиво како последица на загадениот воздух. Во однос на ситуацијата со соседните општини пак, нашите информации се дека конкретно Виница има страшна недисциплина, буквално каде им текнало таму го фрлале ѓубрето. Зрновци и Облешево ги активираа своите стари депонии. Ако ние ја отвориме депонијата повторно, ќе ни го донесат и ѓубрето од Македонска Каменица. Делчево ја има завршено таа работа, односно не може да прима ѓубре од соседните општини, па сакаат да се наметнат кај нас. Не можеме да дозволиме нашите граѓани да страдаат поради туѓото ѓубре во нашата општина“, рече таа.
Кочанчани се свесни за проектот за регионалните депонии и не планираат да го спречат бидејќи е за доброто на сите, но немаат доверба во институциите и ќе инсистираат на нивните барања.
„Ние се сомневаме дека најмалку пет години ќе треба да страдаме со соседното ѓубре, односно дека во наредните пет години тој проект нема да се реализира. Нашата цел е да си го одбраниме сопственото здравје. Ниту туѓи пари сакаме од соседните општини за депонирање на нивното ѓубре кај нас, ниту туѓо ѓубре“, додаде Сабовљевиќ Стоименова.
Кристијан Трајчов
Фото: Приватна архива