Нашиот просечен еколошкиот отпечаток изнесува 4.9 gha плодна почва по лице. Со ваков просечен еколошки отпечаток, за одржување на сегашниот начин на живот, трошиме ресурси еквивалентни на пет планети. Ова ја става земјава во висок ризик од исцрпување на природните ресурси.
Во 2024 година, „Денот на еколошкиот долг“ или „Денот на прекумерна потрошувачка на ресурсите на Земјата“ (Earth Overshoot Day) беше на 1-ви август. Тоа е симболичен датум во годината кој покажува до кога човештвото ги има потрошено сите природни ресурси што планетата може да ги обнови за една година. По овој ден, луѓето почнуваат да живеат „на кредит“ од природата, користејќи ресурси што не можат да се обноват во истиот период. Ова значи дека ресурсите вредни една година, светот ги искористил за само седум месеци.
Колку ресурси Земјата може да обезбеди за да го поддржи животниот стил (потрошувачката на храна, транспортот и одржувањето на домаќинството, вклучително и загадувањето од емисиите на јаглерод) на човештвото се мери со еколошкиот отпечаток. Еколошкиот отпечаток е мерило за степенот на човековата побарувачка и искористување на екосистемите на планетата Земја. Тоа е стандардизирана мерка за експлоатацијата на природниот капитал наспроти еколошкиот капацитет на планетата за регенерација. Се изразува во глобални хектари (gha) или хектари (ha), каде што 1 gha = 2.47 ha. Во моментов, на глобално ниво, има 1.8 gha плодна почва по лице, но измерениот просечниот еколошки отпечаток на глобално ниво е многу повисок и изнесува 2.6 gha по лице.
Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (ИПЕК-Скопје), во соработка со НВО Инфоцентар, а во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“, поддржан од Европската Унија, во текот на ноември, спроведе анонимна онлајн анкета за еколошкиот отпечаток на населението во државава. Анкетата покажува дека еколошкиот отпечаток варира од минимални 3.1 gha до максимални 24.5 gha плодна почва по лице. Просечниот резултат на еколошкиот отпечаток во Македонија изнесува 4.9 gha плодна почва по лице. Со ваков просечен еколошки отпечаток, за одржување на сегашниот начин на живот, трошиме ресурси еквивалентни на пет планети. Ова ја става земјава во висок ризик од исцрпување на природните ресурси.
– Минималниот еколошки отпечаток на државава е речиси сличен со еколошкиот отпечаток на земјите од Западен Балкан. На пример, Србија има еколошки отпечаток од околу 3,3 gha по глава на жител, додека за Албанија тој е 2,8 gha по глава на жител. Овие бројки покажуваат дека влијанието на Македонија врз животната средина е слично со она на нејзините соседи, што се должи на заедничките модели на потрошувачка и на користењето на ресурсите – вели Лилјана Динев, инженер по менаџмент на еколошки ресурси од ИПЕК-Скопје.
Нашите навики
При пресметката на еколошкиот отпечатокот се користат податоци за животните навики на граѓаните, како што се потрошувачката на храна, транспортот и одржувањето на домаќинствата. Загадувањето, како што се емисиите од јаглероден диоксид, исто така, се сметаат за дел од еколошкиот отпечаток.
За илустрација, од 222 пополнети прашалници, 121 (54%) испитаници живеат во стан, 88 (39%) имаат куќа со водовод и канализација, 11 испитаници живеат во лепенка, 1% живеат без водовод и канализација, додека 1% од испитаниците се изјасниле дека живеат во еко-куќа. На прашањето дали имаат и каква енергија користат во своите домови, 80% одговориле дека имаат домови кои користат електрична енергија, додека 20% имаат енергетски ефикасни домови со употреба на електрична енергија.
– Навиката на македонските граѓани која има најголемо влијание врз еколошкиот отпечаток е високата потрошувачка на електрична енергија во домовите, особено поради зависноста од необновливи извори на енергија. Мнозинството од населението користи електрична енергија за греење, ладење и секојдневни активности, а само мал дел користат сончева енергија или живеат во енергетски ефикасни домови. Ова ги зголемува емисиите на стакленички гасови и целокупната употреба на ресурси – вели Динев и додава дека навиките во исхраната, како што се големата потрошувачка на месо и зависноста од увезена или преработена храна, дополнително влијаат врз еколошкиот отпечаток, главно заради големата употреба на енергија и емисиите при производството и транспортот на овие производи.
Според анкетата, 20% од граѓаните консумираат месо, јајца и млечни производи во речиси секој оброк, а само 3% одговориле дека се вегани, односно дека никогаш не користат производи од животинско потекло. На прашањето колку често консумираат производи од животинско потекло (телешко, свинско, пилешко, риба, јајца, млечни производи), 11% од испитаниците одговориле дека ретко консумираат, 14% многу често, 19% повремено, а 33% се изјасниле дека јадат месо до два пати во неделата.
Промовирање на сезонската храна
Позитивно изненадува одговорот на 17% граѓани кои рекле дека поголемиот дел од храната што ја консумираат е непреработена, не е спакувана и е од локално потекло. Наспроти нив, 36% одговориле дека речиси половина од храната која ја консумираат е преработена, пакувана или увезена. Купувањето локални и сезонски производи значително придонесува за намалување на емисиите на јаглероден диоксид од транспортот и истовремено ги поддржува локалните производители. Со избегнување преработена и увезена храна, и со поддршка на локалните производители, можеме да ги намалиме емисиите на јаглероден диоксид и да го подобриме квалитетот на воздухот.
-Најизводливата препорака што треба да се спроведе веднаш, со цел да се намали еколошкиот отпечаток е промовирање на потрошувачката на локална и сезонска храна. Локалните фармери и пазари се веќе оперативни, што го олеснува поттикнувањето на промена во однесувањето на потрошувачите. Сезонските производи често се посвежи, подостапни и познати, што ја зголемува нивната привлечност. Оваа препорака, исто така, има непосредно влијание врз намалувањето на емисиите од транспортот додека ги поддржува локалните економии – вели Лилјана Динев од ИПЕК-Скопје.
Интересно е дека ниту еден од испитаниците не смета дека создава отпад повеќе споредно со соседите, односно на прашањето колку отпад создаваат во споредба со соседите, 57% сметаат дека создаваат отпад речиси исто како соседите, а 43% сметаат дека создаваат помалку отпад. Овие податоци укажуваат дека постои сериозна потреба од подобрување на управувањето со отпадот и рециклирањето. Намалувањето на отпадот преку рециклирање ја минимизира потребата од суровини и ги намалува емисиите на стакленички гасови. Компостирањето на органскиот отпад ја намалува употребата на депонии и произведува почва богата со минерали и хранливи материи. Минимизирањето на употребата на пластична и друга непотребна амбалажа е уште еден важен чекор.
Анкетата покажа дека 50% од граѓаните не користат велосипед и не пешачат, односно 32% во текот на една недела, со автомобил, мотор или автобус поминуваат од 1 до 25 километри. Само 5% користат јавен превоз на релација од 100 до 300 километри. Интересно е да се напомене дека 43% се сопственици на возила што трошат од 4,5 до 6,5 литри гориво. Наодите ја истакнуваат големата зависност на граѓаните од личните возила. Користењето јавен превоз, возењето велосипед, пешачењето, како и споделување на патувања со автомобил секогаш кога е можно, помага да се намалат емисиите на стакленички гасови и сообраќајниот метеж.
Високи 53% од испитаниците одговориле дека не користат авионски превоз, додека 3% користат авионски превоз до 100 часа на годишно ниво. Воздушниот сообраќај е главен извор на емисии на јаглерод. Намалувањето на летовите може значително да го намали јаглеродниот отпечаток. Ова е можно преку алтернативни начини на транспорт, како што се возови или автобуси за пократки растојанија, како и комбинирање на начини на патување за подолги релации.
Фактот дека речиси 30% од испитаниците се млади луѓе на возраст од 15 до 18 години укажува дека кај младината постои интерес за темите за одржливост на природните ресурси односно дека имаме критична маса на млади луѓе кои се еколошки освестени.
Резултатите од анкетата за еколошкиот отпечаток ја нагласуваат итната потреба од насочени образовни кампањи, интервенции во политиките, како и подобрување на инфраструктурата за промоција на поодржливи животни практики во земјава. Само на ваков начин можно е да се намали еколошкиот отпечаток и да се поттикне културата на грижа за животната средина и квалитет на живот.
Автор: Горан Наумовски
Прилогот е подготвен со поддршка од Европската Унија, во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“. Содржината е единствена одговорност на авторот, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.