Новогодишната кошничка е класична манипулација на власта која ги потценува граѓаните и го прикрива вистинскиот проблем за кој нема решение а тоа е покачувањето на цените на производите, реагираат од СДСМ.
-Владата на Мицкоски намерно остави простор и време па трговците веќе ги зголемија цените пред примена на мерката. Сега нема вистински да се намалат цените туку трговците само ќе ги вратат на нивото на коешто беа и тоа реално не значи намалување и не носи никаков бенефит за граѓаните. Станува збор за договорени цени за кои владата сама кажува дека нема да има казни доколку некој од трговците не ги почитува. Што значи оставен е простор тие сами да ги одредуваат цените врз грбот на народот. Инфлацијата во месец ноември достигна 4,3%, а трошоците за живот според последните податоци на Државниот завод за статистика бележат раст од 3,5%. Сè потешко се живее, сè потешко се пазари а граѓаните се посиромашни, се вели во соопштението од СДСМ, од каде додаваат:
– Додека цените растат, стандардот на граѓаните опаѓа, а Владата наместо да преземе одговорност и вистински да се справи со кризата, се занимава со манипулации и ги штити трговците наместо граѓаните. СДСМ бара итни и системски мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, меѓу кои и укинување на ДДВ на храна со што вистински ќе се намалат цените на долг рок и зголемување на минималната плата. Преку намалување на ДДВ и ќе се олесни финансискиот товар на семејствата до 2.000 денари месечно или околу 24.000 денари годишно. Владата мора да престане со манипулации и конечно да застане на страната на граѓаните! СДСМ ќе продолжи да се бори за заштита на стандардот на граѓаните, информираат од СДСМ.