Поранешниот министер за финансии и актуелен надворешен член на советот за безбедност, Џевдат Хајредини гостуваше во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77. Меѓу останатото даде свое видување за Буџетот за 2025 година, прогласувајќи го за популистичко-пропагандистички и политички, како што вели креиран единствено за привлекување на одредено гласачко тело.
- Субвенции заради гласачите, да ги зголемиме пензиите, пензионерите се голем контингент гласачи, писмени се, немаат работа, тие одат на гласање, младите не одат да гласаат. Се е популистичко, пропагандистичко, политичко и ништо друго. Капиталните инвестиции и развојот за да се остварат треба државната администрација да има солидни проекти, нема капацитет административен, има вработени, не се стручни – дециден е Хајредини.
Нагласува дека при донесувањето на буџетот особено значајно е пратениците да разговараат околу расходната страна, околу трошоците кои можат да се намалат во државата, како што вели, ништо не се намалува само се зголемува. Според него дополнителен проблем се и задолжувањата што ги прави државата.
- Не е проблемот во задолжувањето, проблемот е во тоа каде и како ги трошиш, ако се задолжуваш во странство или во земјата со повисока каматна стапка од стапката на раст на БДП, тогаш државата е во загуба, вели екс министерот Хајредини.
За Новогодишната кошничка и намалувањето на цените на производите за десетина проценти во текот на престојниот еден месец, вели дека е чист популизам.
- Цената треба да се формира според системот понуда – побарувачка, а социјалната политика бидејќи сме социјална држава значи да делиш од буџетот пари и да ги помагаш оние лица кои ќе бидат погодени. Вака со намалени цени ќе купуваат и богаташите. Економска политика значи формирање на цената според принципот понуда-побарувачка, се друго е предмет на друга политика, нагласува Хајредини.
Коментирајќи ги оптимистичките прогнози на премиерот Мицкоски, за економскиот раст во државава, Хајредини нагласува дека премногу е рано за да се зборува, за промени на трендот во економскиот раст вели, потребни се години а не само неколку месеци.
Целосното интервју со поранешниот министер за финансии Џевдат Хајредини следете го во најновото издание на Стадион на Канал 77: