Претпразнично во кумановската болница зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти на детското одделение, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа. Голем број заболени деца има и во дневната болница, а се прегледуваат околу осумдесетина пациенти. Според лекарите, во 90 проценти од случаите станува збор за респираторен вирус.
– Евидентираме зголемен број на дечиња со респираторни симптоми, бронхоопструкиции, поголемите дечиња со бронхопневмонии и со потешка клиничка слика. Моментално болнички се лекуваат 11 дечиња на одделението, 15 во дневна болница, најмалите пациентчиња ни се новороденчиња од по 20 и 25 недели. Се жалат на кашлица, на зголемена температура, болки во грло. Она што најмногу ги вознемирува родителите е зголемената температура, отежнато дишење, одбиваат да внесуваат храна, течности, малаксаност. Деведесет проценти од примените во болница се со респираторни инфекции, помал број ентероколит, изјави началничката на одделението, д-р Маргица Арсовска.
Лекарите од кумановската болница го очекуваат пикот допрва во јануари и февруари. Како превенција, стручните лица препорачуваат внес разновидна исхрана, богата со витамини и минерали, да се даваат суплементи, витамини Д и Ц, рибино масло, но, не претерано.
– Да се воздржат од колективни собирања по игротеки, оние со неразвиен имунитет до 18-месечна или 24 месеци доколку може да не посетуваат градинки. Прошетките се одлични, но, децата треба да се изведуваат во период кога нема аерозагадување. Ако веќе имаат можност, да набават прочистувачи за воздух, рече доктор Арсовска.
На одделението недостигале лекари, сепак се постигнувало да се пружи помош на пациентите од североистокот.
– Недостига персонал, моментално сме четири доктори специјалисти педијатри на оддел, еден специјализант и еден општ доктор што е малку за целиот град и околината, недостига и средномедицински персонал. Се надеваме дека во јануари ќе има нови вработувања, додаде доктор Арсовска.