Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) Ивица Томовски информира дека една од главните пораки која сака да се испрати со промена на табличките на возилата во државна и општинска сопственост е да престане нивната злоупотреба за свои лични цели, како што беше пракса во минатото од одредени функционери.
– Ќе ги повикаме на одговорност, бидејќи ние одговараме само пред народот. Ако сме посегнале да менуваме закони и да воспоставуваме некаков ред треба сите од нас поединечно да ги почитуваме тие закони. Во координација со сите членови на работната група, утврдивме да одиме со позадина на црвена боја и букви и бројки со жолта боја. Се одлучивме за овие бои затоа што се помаркантни и нема да може да се одбегнува од јавноста, така што сметам дека и бојата е соодветна, изјави Томовски во вечерашното гостување на МРТ1 во емисијата „360 степени“.
Томовски посочи дека она што е клучно е и самата јавност да може да врши мониторинг, притоа јасно истакна дека доколку постои злоупотреба ќе следува одговорност.
– Поентата е и јавноста да биде надзор. Каде, кога и за што се возат службени возила. Сакаме да отвориме телефонски линии и маил, каде што граѓаните ќе може да пријавуваат злоупотреба на тие возила и да се даде насока на сите институции каде ќе се затекне злоупотреба да постапат соодветно. Дали тоа ќе биде дисциплинска или ред други работи кои произлегуваат од прекршување, односно злоупотреба и на тој начин со законски измени да може да се утврди и казна за злоупотребата, заклучи Томовски. Додава дека посакуваните ефекти на Владата се етичко и отчетно работење на функционерите и институциите.