На работните акции во поранешна Југославија се градеше иднината на државата, но и на младите. Преку дружење, песна и пријателство се градеа патишта и пруги, но се градеа и младите како личности. Се создаваше државата, но се создаваше и здрава и одговорна младина. Југославија пропадна, работните акции, а опшеството ги препушти младите сами на себе.
Колку биле важни и потребни работните акции покажува фактот што и денес, иако не во толкав обем, постои интерес за враќање на овој тип ангажмани на младината, се со цел да им се вратат работните навики и да станат подобри личности, да се научат на одговорност, на создавање пријателство и љубов.
Здружението на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“ од Штип е едно од ретките здруженија кое има за цел работното акцијаштво кое се спроведувало во периодот на поранешна Југославија да им го претстави на младите и истото повторно да го стави во фокус, овој пат кај сегашните млади во државата. Еден од главните иницијатори и координатори е штипјанецот Никола Кангалов кој вели дека целта е иницијативите кои биле реализирани своевремено да бидат пренесени на младите.
„Нашата основна цел беше од акцијаши, полека да преминеме во обезбедување и формирање на млади волонтери. За таа цел, специјални експерти во таа област, направија одредена презентација и веќе две години одиме по основните и средните училишта. Веќе резултатот се гледа од тие наши активности, од презентациите каде многу млади луѓе ни се придружија на активности кои ги организираме на локално и републичко ниво, но и надвор од Републиката“, вели Кангалов.
Според него, излегувањето од таа заедничка држава, Југославија, создаде нови проблеми место да напредуваме.
„Ако младината ја запоставиме и државата нема иднина. Ние ја запоставивме младината со, измислени предавања со донесување на закони, но не и со имплементирање на тие закони. Директната работа со младите се запостави. Ние како Здружение на ниво на Републиката, исто така и од другите Републики, имаме за цел таа младина полека да ја собереме и да им објасниме за тие активности, да почнат да учат за периодот од 1944 до 1990 година, период во кој се развиваа сите држави во тогашната Југославија, особено да се учи за развојот на Македонија и од истиот да ги учат позитивните работи“, рече тој.
Младите акцијаши кои сега волонтираат се средношколци, воздраст кога најмногу треба да им се обрне внимание.
„Децата на таа возраст веќе се способни да бидат директно вклучени во акциите. Наредната година, веќе се подготвуваме да влеземе и во факултетот за образовни науки, бидејќи според нас, токму таму треба да биде подготвен кадар, образовен кадар, кој во училиштата ќе придонесува за волонтерството и ќе ги обучува децата. Значи, самите наставници да бидат тие кои ќе ги обучуваат децата во образованието. И затоа и очекуваме од студентската младина да се вклучи. Сепак се тие веќе повозрсни, тие можат да прават програми, можат да ги реализираат може да даваат идеи, може дури и на законите кои постојат за волонтерство да влијаат, да ги подобруваат. Тие закони постојат, ама за жал не се преминуваат, како и другите закони“, додава Кангалов.
Во однос на тоа што како млади тогаш ги натерало да учествуваат во таквите акции, тој рече дека тоа е помагањето на државата да застане на нозе по Втората светска војна.
„Акцијаштвото како поим има три периода. Првиот е оној после 1944 година кога земјата беше разрушена, не постоеше и тука младите учествуваа за да ја обноват, да се направат патишта, железнички пруги, да се направат хидроцентрали, она што било основното . Во периодот на 60-те години исто така младите и помагале на државата. Веќе периодот од 70-те до крајот на 80-те години додека постоело акцијаштвото, бил период во кој покрај работењето се било уведено и образованието на децата, а се работело и на збогатување и на културно и спортско ниво“, објаснува тој.
Придобивките од младинските работни акции се огромни каде своевремено луѓето се стекнале со многу знаења и вештини благодарение на иницијативите.
„Преку него дури луѓето добивале и возачки дозволи за еден месец. Некои стекнаа и знаења за фотографирање и така станаа и професионални фотографи. Од таму настанаа и професионални пилоти, се отвори школа благодарение токму на акцијаштвото, тоа ги тераше младите тогаш да се активираат, да помогнат на државата, ама и на себе си. Некои научија различни занаети, некои си создадоа пријателства. Еве сега, ние каде и да отидеме стекнуваме пријатели. И од таму се и тие контакти со луѓето. Тоа со пари не се плаќа, тоа ги привлекуваше младите. Значи, траеше акцијата еден месец, бригадите беа сочинети од 50 луѓе, а кога имаше потреба и од 100 души. За време на периодот од 1944-та до крајот на 1980-те години, околу 2,5 милиони младинци се ангажирани за акциите низ Југославија“, објаснува Кангалов.
Позитивните работи од младинското акцијаштво ги препознала и Јорданка Калајџиеска, граѓанска активистка која убавината на волонтерството го видела преку нејзиното учество на Јадранска магистрала во далечната 1964 година.
„Акцијата траеше еден месец. Тогаш тоа беше бенефит за мене, тогаш видов што значи волонтерството. Покрај изградбата на магистралата, таму имаше дружење, имаше млади од цела Југославија, беше прекрасно. Тоа ме научи дека треба да го почитувам волонтерството. Јас сега ги учам младите за волонтерството затоа што има бенефит од него, има дружење и човечност. Моментално ги учиме децата во основните училишта за селектирање на отпадот, им кажуваме зошто е важна животната средина за сите нас. Јас се радувам кога гледам дека им делувам на младите да го сменат начинот на живот и да ги препознаат важните работи во животот, рече таа.
Според Кангалов, мора да им се даде шанса на младите тие директно да можат да придонесат во општеството.
„Ние сакаме да го пренесеме сега тоа на овие млади, да сфатат дека преку таквите активности придонесуваат за заедницата, но и на самите себе. Им се шири и кругот на пријатели и веќе тие деца се способни да се снајдат било каде. Во 2019-та година, во Нови Пазар испративме четири бригадери од тука, едната бригадирка од тие сега во Словенија е студент и им предава на тамошните млади за тоа.
Ние треба да им дадеме шанса на младите бидејќи имаат знаење, ама треба тоа да им го покажеме. Јас и на младите им кажувам дека не е само работењето, туку и различни други вештини и таленти, таму некој пее, некој ќе црта, ќе покаже дарба за цртање, некој ќе свири и слично. Таму тие се ослободуваат и на тој начин може до израз да дојде нивниот талент. Многу е важна и таа самодоверба што е стекната, преку дружењето и работењето. Тоа , за мене, е најважната работа. Младите сега треба и тоа да го видат, дека всушност можат, но им треба самодоверба“, додава тој.
Здружението е формирано пред шест години, а други здруженија со истите активности постојат и во Охрид, Битола, Велес, Скопје, Куманово, Крива Паланка и Гостивар и сите тие здруженија се во Сојуз на акцијаши волонтери на Македонија.
„На републичко ниво сме сите организирани и меѓусебно си помагаме и учествуваме на активности кои ги организират локалните клубови. Меѓутоа, на ниво на поранешна Југославија, имаме средби со здруженија од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцегонија и исто така учествуваме на активности кои тие ги организират. Оваа година, а и 2019 наши бригади учествуваа на меѓународната сојузна акција во Нови Пазар, заедно со околу 150 акцијаши од повеќе краишта на поранешна Јогославија и од странство. Нашата бригада од Македонија броеше 30 акцијаши, а од Штип беа 10 акцијаши, од кои осум млади и двајца ветерани“, кажа Кангалов.
Минатата година штипските акцијаши учествувале во акцијата каде биле одбележани 60 години од земјотресот во Скопје. Седум дена биле сместени во студентски дом во Скопје и работеле на уредување на студентскиот дом. И тогаш и сега соодносот на млади и стари учесници бил 80 проценти млади наспроти 20 проценти ветерани.
„Ние моментално имаме 20-тина наши активисти, млади, кои постојано се активни. Не би можел да кажам на ниво на Македонија бидејќи од нашата бригада од 30 души, 15 беа млади, 15 ветерани во Нови Пазар. Таму се работеше на уредување на просторот околу вештачко езеро. Околу 1100 тона чакал песок се распосла околу езерото и нашите младинци добија ударнички значки на акцијата, беа прогласени за ударници. Исто така, тие млади се здружија и со младинците од Нови Пазар и од Велес. Ние сме збратимени и со Ниш и со други градови од поранешна Југославија, а голема активност направивме и во Словенија. Ние како волонтери минатата година бевме во Словенија, во поплавените подрачја каде учествуваме во санирање на последиците од поплавите“, рече Кангалов.
Кангалов ги поканува младите да им се придружат на другите за да го прошират младинското акцијаштво.
„Има услови во оваа држава да се организираат конкретни активности кои ќе помогнат на средината. Ако сите млади ги ставиме на едно место, тогаш тие ќе почнат да размислуваат. Најважно е тоа што го размислуваат и да го реализират. Ако нема реализација, се паѓа во вода“, дециден е Кангалов.
Кристијан Трајчов