Заводот за вработување на Република Словенија заедно со словенечките работодавачи деновиве се во Скопје, Штип и Прилеп каде имаат желба да се поврзат со заинтересирани македонски работници кои би можеле да се преселат и живеат во Словенија.
Вчера беа присутни во главниот град, денеска презентација имаше во Штип, а утре ќе бидат присутни и во Прилеп. На настаните присуствуваат 22 реномирани словенечки работодавачи од различни делови на Словенија, кои вработуваат повеќе од 17.000 работници.
Најголем дел од нив се од секторите: здравство и социјална заштита, транспорт и складирање, преработувачка индустрија, како и од градежништвото, од туризмот и од други дејности, односно се бараат соодветни кандидати за работа во здравството и негата, за возачи на камиони и автобуси, магацински работници, готвачи, келнери и други угостителски и туристички работници, производствени работници, различни профили на работници во градежништвото.
На денешниот настан во хотел „Оаза“ во Штип, Санди Меке кој е раководител во одделот за соработка со фирми при Заводот за вработување на Република Словенија потенцираше зошто токму македонските работници се таргет за нив.
„Постојат повеќе причини зошто сме токму во Македонија деновиве. Едната причина е стареењето на нашиот народ каде имаме недостаток на млад стручен кадар. Во исто време, нашата економија од година во година расте се повеќе, па така ни требаат се повеќе работници. Некогаш имавме 60.000 слободни работни места, сега таа бројка е 150.000. Освен Македонија, минатата година бевме во Босна, Србија, Косово, како и во Црна Гора. Што се однесува до земјите кои не се членки на ЕУ, најмногу работни дозволи се издадени токму во тие земји. Интерес има и граѓани од државите од Европската Унија како Полска и Бугарија. Исто така, се поголем е интересот и на работници кои доаѓаат од Азија“, вели Меке.
Тој објасни дека Македонија е позната како држава која има добри работници кои не доаѓаат само за работа, туку и за школување и студирање.
„За многу кратко време во Словенија, секој петти работник ќе биде странски работник кој доаѓа од други држави вклучувајќи ја и Македонија. Затоа е и потребно потенцијалните работници кои доаѓаат во Словенија да бидат информирани за сите можности и права за вработување во Словенија. Токму поради тоа на овие настани присутни се 22 реномирани словенечки фирми кои бараат работници каде лани околу 5000 работни места беа пополнети од страна на македонските работници“, објаснува тој.
Меке додава дека е многу важно потенцијалните работници да бидат известени од прва рака за начинот на работа, условите, плата и други додатоци кои им се нудат.
„На презентациите кои ги одржавме денес им беа презентирани детали на заинтересираните и околу фамилијарниот престој во Словенија. Имаме претставници од Заводот за вработување на Република Словенија кои ги информираат граѓаните за постапката за добивање на работна дозвола, како и за дозвола за престој. Минатата година Заводот издал околу 4600 дозволи за работа за македонски граѓани, а оваа година до денеска се издадени околу 3600“, рече Меке.
Минималната плата во Словенија е 1250 евра бруто, а просечната плата изнесува околу 1500 евра нето. Освен основната плата, во колективните договори, работниците имаат и додатоци за храна, превоз, а некои од фирмите нудат и сместување.
Двете држави имаат потпишано билатерален договор за признавање на здравственото и пензиското осигурување.
Затекнавме и заинтересирани граѓани кои беа присутни на штандовите на компаниите.
„Јас сум возач на автобус и токму една од фирмите нуди ваква позиција. Ги добив сите потребни информации и сериозно ќе размислам за шансата која би можела да произлезе од тука“, вели Столе од Штип кој беше присутен на настанот.
Хелена Блаждин Вошнар од Здравствениот Дом Марибор вели дека се многу задоволни од македонските работници и веќе имаат вработено работници од Македонија.
„Вработени се гинеколози, педијатри и други медицински лица кои се од Македонија. Тие мораат да ги соберат сите документи, а во целиот процес ја имаат нашата помош. Целиот процес трае околу 12 месеци или нешто помалку. Периодот на адаптација е максимум осум месеци. Лекарите мораат да го познаваат словенечкиот јазик Б2 степен пишано и C1 усно и тоа треба да го постигнат за една година. Ако си дипломирана медицинска сестра или негувател, тогаш е потребен понизок степен на словенечки јазик“, вели Блаждин Вошнар.
Воедно, работодавачите се одговорни и за пронаоѓање на сместувањето на работниците.
„Платите се 2500 евра нето за лекарите, а кога се специјалисти и лекари заработуваат од 2800 до 3000 евра. Во итните амбуланти на пример заработуваат и повеќе. Тие ја имаат нашата поддршка бидејќи доаѓаат од други земји, треба да се погрижат и за образованието на нивните деца, но низ целиот тој процес, ние сме овде за било каква помош. Во моментов пет лекари од Македонија чекаат за да запишат специјализација во областите гинекологија, педијатрија и фамилијарна медицина. Преку ваквите промоции ние добиваме млад стручен кадар кој има желба за работа и кој е спремен да придонесува во Словенија“, вели таа.