Животот е еден и тој треба да се живее, колку и да е тежок. Но, тежината на животот зависи и од тоа како гледаме на него. Ако си позитивен, таков ќе ти биде и животот.
Е такво момче е и Филип Николоски (25) од Прилеп, од кој може да учиме сите! Харизматично, мило и насмеано момче, кое решило животот да го гледа само од позитивната страна. Вели дека за него нема назад, туку со секој нов ден само напред и напред! Роден е со церебрална парализа и поради тоа откако знае за себе негов придружник му е количката.На ова момче треба да му се поклониме, бидејќи и покрај проблемите, тој е полн со ведрина, насмевка, добрина и музика. Одлучил таков да му биде патот и не згрешил.
-Но, тоа не ме обесхрабри, решив да тргнам гордо, со крената глава низ животот и да ги ги остварувам соништата, ни рече ова прекрасно момче.
Еден од тие соништа му е музиката, па затоа често може да се види низ прилепските кафулиња како со својот синтисајзер свири и пее. Иако има завршено средно економско училиште во Прилеп и работи во прилепската болница, тој слободно може да се нарече и професор по живот.
Од мал знаел дека музиката ќе биде неговиот живот, досега има снимено три песни,а пошироката јавност имаше можност да го запознае на концертот на „Меморија“, кои ја преработија неговата песна „Само на добро нека е“, но заедно ја испеаја на нивниот концерт. Кога Филип се појави на сцена на сите им ги стопи срцата.
– Како семејство ние сите сме музикални. Со музика се занимавам од мои седум години, кога почнав да учам клавир во основното музичко училиште во Прилеп.
Претходно подготвително солфеж, па шест години клавир, а на 16 години почнав и да настапувам. Засега настапувам само во кафулињата во Прилеп, а наскоро се надевам и покрај тоа што ме запозна Македонија на концертот на „Меморија“, ќе ме запознаат и со свои настапи.
Пресреќен сум што настапив на концертот на „Меморија“ . Им благодарам на сите членови на „Меморија“ што ме прифатија како свое дете и што мојата песна беше одбрана да ја преработат, што ми е чест и задоволство. Навистина сум среќен што се појавив на тој спектакл. Им посакувам уште долго да траааат. А јас досега имам снимено три песни, на сите автор е Рубин Димковски, а тоа се „Тебе те нема“, „Вози, вози ме“ и последната „Само на добро нека е“, која ја преработи „Меморија“. Н сите песни автори се Рубин Димкоски, кој ги направи аранжманите, а музиката и текстивте ги напишаа Гоце Балада, Душко Темелкоски, вели тој.
Филип е во количка, но функционира како и сите, си ги завршува дневните обврски и се надева дека, како и во многу странски држави, така и во Прилеп еден ден ќе се реши проблемот за пристап на лицата со попреченост.
-Функционирам како и сите нормални, секој ден сум на работа во болница. Преку викенди излегувам на кафиња, се дружам со пријателите. Имам посебно моторче со кое се движам низ град. Фала му на Бога што во Прилеп има убави кафулиња за муабет и за седење на кафе.
Минатата година бев во Италија и сум воодушевен од тоа што има пристап за лицата со попреченост. Се надевам дека во иднина ќе се поведе сметка и кај нас. Апелирам со сите институции да се направи пристап на лицата со попреченост. Во болница кога одам на работа имам пристап, но во други институции е проблем. Навистина се надевам дека овој проблем ќе се среди и кај нас, оптимист е Филип.
Ова насмеано и позитивно момче вели дека има многу другари и пријатели и одсекогаш бил прифатен од неговите врсници. Ниту тој, ниту тие на неговата состојба не гледале како на лоша работа.
-Никогаш не сум имал проблеми, ниту порано додека одев во школо, ниту сега од колегите на работа. Никогаш. Секогаш биле покрај мене и ми се наоѓале. Дома исто такаимам помош и од родителите и од брат ми. Јас пред се сум музичар, дете со голем ентузијазам, со голема желба за живот, со голема волја да се оди напред и никако да не гледам назад. И покрај се што ми се случило во животот одам со крената глава и горд на своите успеси. Состојбата моја е таква од раѓање, но никогаш не сум гледал на тоа како лоша работа, туку едноставно уживам во животот и во се друго пропратено со успесите што ми се случуваат, вели Филип и на на сите кои не се задоволни од животот им порача:
-Сите да уживаат во она што сакаат да го работат. Ако се работи со желба и со волја се е можно. Само напред. Мене музиката ме тера да бидам оптимист. Јас и кога сум тажен слушам добра музика и тоа ме опушта. Затоа на сите им порачувам само да веруваат во она што го сакаат и да знаат дека ништо не е невозможно ако доволно се има воља. Јас тоа така сум го сфатил- количката да не ми пречи во животот. Ако имаш доволно добри луѓе околу себе што те поддржуваат ништо не е пречка. А јас имам фала му на Бога. И никогаш не сум се почувствувал поинаку, јас сум еден од нормалните луѓе кој нормално функционира низ животот. Искрено не ни сакам да бидам тажен, на се гледам оптимистички. Ако даде Господ сакам да снимам албум, па и концерт да направам, вели ова златно момче.
Филип последните години повеќе пее забавна музика, но како професионалец со сајзерот и микрофонот свири и пее се што бара публиката. И иако засега настапува само во Прилеп, вели дека солидно се живее од музика.
-Во мојата соба имам постер на Тоше, тој ми е идол. Ми е жал што не го запознав. Ама сигурен сум дека да беше жив не знам кај ќе беше сега, колку голем успех ќе постигнеше, вели тој.
Како и секое младо момче така и Филип има неостварен сон, а тоа е да патува и да посетува различни држави.
-Сакам да патувам и патував доста, но би сакал еден ден да ја посетам Франција и Швајцарија. И во други држави, бидејќи сакам да патувам и да уживам во животот.
Го прашавме и дали е вљубен, а тој низ насмевка ни одговори:
„Се уште не сум заљубен ама се надевам дека за скоро време и тоа ќе го решам. Хахахах.. Сакам русокоси.. Хахахахха…. “
Родителите го советувале да го живее животот како што сака. А и тој има свое мото:
-А моето мото е- не бегајте од своите соништа, туку живејте ги, ни рече Филип, кој покрј сите епитети што ги заслужува може да се каже дека е -професор по живот!
На овој ден, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост од се срце на Филип му посакуваме да остане позитивен и насмеан и да ги ги исполни сите соништа!
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски/ приван архива