Освен во Челопек, каде деца со униформи на УЧК и пушки на приредба го обележуваа Денот на албанското знаме, слични настани се одржале и во училиште во Чаир, во две училишта во Тетово и во училиште во Струга. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, соопшти дека Државниот просветен инспекторат е излезен на терен.
„ДПИ е тргнат во Челопек, дополнително имавме пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга. Во сите тие, за кои имаме докази со слики, со пријави дека се случувале такви немили настани, ДПИ е на терен и очекуваме кога ќе се вратат да ги дадат првичните информации. Секако за да се изработат записници, ќе треба малку повеќе време, изјави Јаневска.
На обвинувањата од ДУИ, Јаневска одговори дека за разлика од комитските униформи, униформите и симболите на УЧК за оваа држава не значат ништо.
„УЧК и нејзините симболи за оваа држава не значат ништо. За оваа држава војната, конфликтот, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, каков и да бил и да ги образуваме децата, ние малите деца, тие се деца, ги учиме на воинственост, на држење на оружје, на некакви позиции на стрелање, дополнително на нешто што не е поврзано со нашата историја. Во нивната објава пишува дека минатата година имало деца облечени во комитска облека. Комитетите се дел од историјата на државата Македонија, ги учат во наставните програми. Комити биле и Македонци, Албанци, Турци и други. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател. Ние тие луѓе треба да ги чествуваме – кои се бореле за слобода, и кои се бореле за сопствена држава и за просперитет на таа држава. Дополнително направен е силен прекршок, воспитувачката од градинката во Аеродром која ја организирала таа приредба е отупуштена од работа и сеуште е на суд. Ние сега како Влада и јас како министер, ќе делувам по закон. Затоа е пратен ДПИ. Како ќе речат дека е по закон, така и ќе потапуваме. Нашите деца треба да растат во духот на патриотизам, на чествување на традицииите, на почитување на различностите, на градење силни демократски вредности кои никого нема да повредуваат и никого нема да навредуваат, додаде Јаневска.
Јавноста беше силно разбранувана откако протекоа слики од училиштето „7 март“ во Челопек, по повод Денот на албанското знаме, на кои се гледа како деца парадираат во воени униформи со амблемот на УЧК и држат пушки во рацете, со кои во даден момент клекнуваат и нишанат кон публиката, а целата приредба беше седена од родителите.
(М.К.)