Полицијата уапсила осум лица за сквернавењето на македонското знаме вчеравечер. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски информираше дека четири од нив, се уапсени затоа што сториле прекршок учество во тепачка.
„Истите се лишени од слобода и против нив ќе се преземат соодветни дејствија и понатаму согласно закон“, истакна Тошковски на денешната прес конференција. Останатите четири лица се уапсени бидејќи како што рече, полицијата за нив има основано сомнение дека сториле кривично дело согласно член 319 од Кривичниот законик кој се однесува на „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, каде што е предвидена минимална казна од една година затвор.
За овие четири лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Меѓу нив има еден малолетник, а најстариот сторител е на возраст од 21 година.
„За истите по насока на јавен обвинител до доцна во ноќта се работеше. Тие се приведени и по насока на јавен обвинител по итна постапка ќе бидат изведени пред лицето на правдата односно согласно информациите кои ги имам, пред суд, а потоа судот ќе одлучи во рамките на своите надлежности“, рече министерот.
Тој порача дека полицијата ќе одговори жестоко и сурово кон сите кои ќе имаат на ум да предизвикаат било какво сценарио за дестабилизација на Македонија.
-Полицијата е спремна и професионална, ќе одговори на сите предизвици. Имаше многу напади за тоа како реагира полицијата. Таа реагира зрело, времето на „крив е кабелот“ заврши, имаат сите имиња и презимиња овие сторители на кривично дело и ќе одговараат – додаде Тошковски.
Тој најави дека полицијата ќе постапува и во текот на денешниот ден сѐ додека не се констатираат сите оние за кои има соодветни докази дека сториле кривично дело, особено кривично дело кое, како што рече, гази по достоинството на македонскиот граѓанин.
„Во текот на вчерашниот ден се случија одредени настани коишто беа директно насочени кон достоинството на македонскиот граѓанин, овакви дејствија од страна на поедини групи особено во Скопје, се недозволиви. Тие се директен напад врз македонската држава и поради тоа полицијата, МВР и БРО, СВР Скопје одговори максимално брзо и одлучно на сите кривично правни настани и прекршочни настани кои настанаа во текот на вчерашниот ден. Нема да дозволиме ваков вид на дејствија да подгреваат меѓуетничка тензија во Македонија. Она кое го говоревме е дека има најави, има обиди кои ќе подгоруваат меѓунационална нетрпеливост. Еве доказ дека истото се случува но македонската полиција покажа зрелост и одговори на сите предизвици“, потенцираше Тошковски.
Тој ги повика сите кои имаат какви било информации поврзани со какви билонастани во текот на вчерашниот ден да ги достават до МВР.
(В.Ми)