Минималната плата до 600 евра во Босна и Херцеговина, а со сегашната висина, на минималниот труд, веќе не сме во рангот на Косово и Албанија. Моментално сме последни во регионот со примања и во јавен сектор и во приватен сектор. Плата под 450 евра не смее да има ниту во приватниот сектор, ниту во јавниот, е ставот на претседателот на вработените во УПОЗ, Трпе Деаноски.
-Ако може БиХ зошто ние не можеме да го следиме нивниот пример?! Тие многу едноставно го направија тоа преку она што се вели трошоци за храна и превоз. Ние како Синдикат на УПОЗ со години наназад најавуваме дека храната и превозот не е додаток, ниту надомест на плата и дека веќе никој не знае колку добиваме ние за храна и за превоз. Остана на една сума од 2009 година на 2.600 денари и тоа баш на цени за превоз и храна од 2009 година, рече Деаноски, кој пресметал дека од тогаш до денеска инфлацијата е 40 отсто.
Синдикатот на УПОЗ пресметал дека најмалку 12,8 отсто треба да се зголемат платите во март. Секој вработен треба да добие за толку зголемување на платата и тоа зголемување на треба да биде линерарно, туку процентурално. Со тоа зголемување, вработен во УПОЗ со 22.000 денари плата, ќе добие зголемување за 2600 денари.
Според Деаноски, 95 отсто од вработените во УПОЗ земаат подпросечна плата. 450 евра согласно синдикалната кошничка не ги задоволува основните потреби за живот во Македонија. Претседателот на УПОЗ уште еднаш го истакна барањето усогласувањето на платите да биде со просечната плата, по пример на функционерите.
-Ако може функционерите што земаат плата од Буџет како што земаме и ние зошто да не можат и работниците да го добијат истото?! Она што ние очекуваме е конечно тоа да се случи, да добиваме процентуално зголемување на плата, а не линеарно како што добиваме сега со минималната плата. Ако остане како што е напишано сите вработени во март месец треба да добијат 12,8 отсто покачување на плата, меѓутоа и тоа е ствар на договор. Секако дека просекот е подобар од минималецот. Проекцијата е дека просечната плата ќе расте секоја година повеќе отколку што ќе расте минималната плата, затоа ние инсистиравме да бидеме поврзани со просечната плата, а не со минималната плата, рече Деаноски.
Се очекува во првата недела од декември да се одржи Економско-социјалниот совет каде ќе се расправа за зголемувањето на минималната плата.
Зголемувањето на минималната плата според министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, ќе се случи од март следната година
„Во март според законот ќе се направат пресметки и ќе се види колку ќе биде минималната плата. Во буџетот се предвидени средства за покачување на минималната плата, но колку ќе биде ќе видиме во јануари и февруари. Граѓаните ќе бидат известени следната недела, рече Дурмиши.
Нема детали како ќе се усогласува минималната плата. Дурмиши најави дека е во контакт со стопанските комори, синдикатите, трговците и производителите.