Владата го задолжила Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија од унгарскиот кредит на вторничната седница.
Заклучоците се однесуваат на користењето на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва под овие услови:
Минимален износ по корисник до 10 милиони евра; рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години со вклучен грејс период до 3 години и квартална отплата по завршување на грејс периодот; фиксна каматна стапка од 1,95% без надомест за одобрување и управување и сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата.
Дополнително, средствата од кредитната линија за финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски друштва ќе бидат наменети за финансирање на дејност производство и истите ќе можат да се користат за следните намени:
– инвестиции во опрема, како што се машини и останата опрема;
– недвижности (погони, фабрики , деловни објекти за сопствена употреба);
– транспортни средства поврзани со производствениот процес;
– обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и
– нематеријални средства како што се инвестиции во развојот и софтвери.
Исплатата ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата.