– Забележани се правописни грешки на ориентационите налепници на новите еколошки автобуси кои ги донираше Европската унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“ – соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Како што наведуваат во соопштението, налепниците на еколошките автобуси се на македонски, албански и англиски јазик, додека правописните грешки се забележани само на македонски и албански јазик.
– Новите автобуси со компримиран природен гас, кои денеска преку УНОПС беа испорачани на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Скопје, а се донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“, пристигнаа во Северна Македонија со ориентациони налепници на македонски, албански и англиски јазик од странскиот инвеститор, а на нив се забележани правописни грешки на албански и македонски јазик, се наведува во соопштението.
Од МЖСПП додаваат дека веќе се изготвени нови налепници и тие ќе бидат заменети пред да бидат пуштени во употреба шестте еколошки автобуси.
– Грешките се веднаш воочени и изготвени се нови налепници од страна на УНОПС, кои ќе бидат заменети пред пуштањето во употреба на шестте еколошки автобуси, наменети за подобрувањето на квалитетот на воздухот во градот Скопје – стои во соопштението на МСЖПП.