Три државни институти деновиве за здружија за да одбележат 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, основоположникот на македонскиот стандарден јазик, еден од тројцата најзначајни Македонци на 20-тиот век. Мисирков е македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Меѓутоа, како што го опиша Елена Јованова – Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик што го носи неговото име, Мисирков е пред се’ човек револуционер, бунтовник, човек којшто немал страв и којшто својот живот и животот на семејството го жртвувал за една идеја – идна македонска држава и македонски литературен јазик.
-Крсте Мисирков во неговиот краток живот – живеел само 52 години од 1874 до 1926 и во тој свој краток животен век направил големи работи – целиот свој живот го посветил на македонската државност и на македонскиот јазик. Тоа негативно се одразило на него и неговото семејство. Тој многу рано, во 1903 година, на само 28 години ја објавил книгата „За македонцките работи“. Врвот на достигнувањата му е на 28 години, но до крајот на свој живот не се откажал од своите идеали и од своите идеи, кажа Елена Јованова – Грујовска во емисијата „Стадион“.
Директорката на Институтот за македонски јазик кажа дека семејството на Мисирков останало во Бугарија – синот Сергеј и сопругата. При тоа, Јованова – Грујоска сподели дека синот Сергеј по ослободувањето на тогашната Народна Република Македонија дошол, ја посетил, на тогашниот претседател на НР Македонија му донел еден примерок од книгата „За македонците работи“ и рекол: „Со ова го исполнувам аманетот на татко ми, неговата последна желба – кој рече оваа книга ќе ја однесеш на претседателот на независна Македонија и ќе ја дадеш да знаат што сум напишал во 1903 година“.
-Ретки се храбрите луѓе и знаеме луѓе кои се авангардни и сакаат да покажат нов став тешко се прифаќаат. Мисирков во 1903 година во книгата „За македонцките работи“ која излезе по Илинденското востание всушност има критика за Илинденското востание, Тој вели: „Академските граѓани, интелектуалците треба да се обединат околу ставот за единствена македонска држава со македонски литературен јазик и дека различното влијание од туѓите служби наоколу, влијаеле да не бидеме единствени и затоа ни пропадна Илинденското востание пред се’ и потоа, дека не било доволно подготвено. Македонската интелигенција мора да се обедини околу ова, затоа што учените луѓе се тие кои мора да ја предводат оваа борба. Крсте Мисирков бил интелектуалец , со филолошки науки, човек кој сметал дека е повикан да направи анализа на тоа што се зборува во Македонија и на таа форма, посебноста, и бил повикан да каже дека по посебноста е таа што го издвојува овој народ, кажа Елена Јованова – Грујовска.
Останките на Крсте Мисирков почиваат во Бугарија. Јованова – Грујовска вели дека за жал, само периодот до 1948 година бил идеален да се пренесат коските на Мисирков во Македонија.
„Тие се останати во Бугарија. Тој е погребан во најсиормашниот дел од софиските гробишта, затоа што биле страшно сиромашни, затоа што го оставил семејството во долгови. Меѓутоа, мислам дека тој идеален период е прескокнат“ изјави Јованова – Грујовска во „Стадион“.
Од семејството на Мисирков, неговите најблиски се останати во Бугарија, додека братот, внуците се тука дојдени во Македонија.
-Од тоа што го знам, македонската држава со почит се однесува кон нив. Меѓу нив ја знаеме Ката Мисиркова Руменова, имаме нивен придонес во уметноста. Цаци Паковска е внука на Крсте Мисирков. Македонската држава ги прифати потомците на Крсте Мисирков. Ние во Институтот имаме спомен соба и таму стои стариот крст – споменик. Семејството направи попристојна гробница во Софија, но таму стојат сите имиња и станува семејна гробница, објасни Јованова – Грујовска.