Владата во 14 часот закажа вонредна седница на која ќе се расправа за проблемот со јавниот превоз во главниот град. Скопјaни од вчера имаат редуциран градски превоз поради недостиг на гориво за автобусите, а најголем дел од автобусите се лоцирани во базите во „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров.
Вонредна седница ќе одржи и Советот на Град Скопје, кој на оваа тема ќе расправа попладнево од 18 часот.
Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена – објави на социјалните мрежи претседателот на Советот, Трајко Славевски.
За проблемот со хаотичниот јавен превоз се огласија и од Обвинителството.
Во врска со проблемот со јавниот превоз во Скопје, Основното јавно обвинителство Скопје ги следи сите информации и веќе се дадени одредени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП – соопштија од Обвинителството.