На периферијата од Штип полека се гледа целиот изглед на браната на река Отиња. Некогашното запустено корито полно со трева и грмушки сега ги доби контурите на браната. Снимката од висина го покажува резултатот од тригодишната работа на браната. Направена е малата брана, која водата ќе ја носи кон тунелот, готов е и преливниот орган. Но, пред да бидат видливи градежните елементи што сега се гледаат, изнесена е огромна количина на земја, направени се минирања, оформени се ѕидовите, пополенти со специјален бетон пукнатините во земјата, а прибрани се и подземните води.
Ова според екепртите, се најбитните, но невидливи работи на браната. До 29 ноември тече јавната набавка на дополнителни градежни материјали. Се бара оператор, кој ќе ископа и донесе глина од локалитет кај селото Долани. Глината, која ќе го полни и натапка дното на езерото, ќе се носи со камиони по пат долг 10 километри. Се очекува да бидат донесени 20.000 кубни метри на глина. Дополнително ќе се обезбедат камења од местото каде се гради браната. Оваа јавна набавка чини околу 2 милиони евра.
Дента кога екипата на Канал 77 беше на терен каде се бради браната, беше дождливо и имаше само неколку работници, но машините и се’ останато стоеја до местото каде до пред некој ден интензивно се работело. Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски при неодмнешната посета на Штип, најави дека до 2026 година очекува браната да биде готова.
„Предвидени се 2 милиони евра дополнително за завршување на браната, очекувам крајот на овој месец да имаме избран изведувач. Вкупната вредност ќе биде околу 8 милиони евра кои што ќе се инвестираат во изградба на браната и оваа брана ќе има значење не само за Штип туку и за целиот реон бидејќи покрај за наводнување ова езеро ќе биде и за рекреација и ќе значи за сите граѓани од Источна Македонија. Она што е Мавровското Езеро за Западна Македонија, браната на Отињa да стане за Источна Македонија“, изјави министерот Александар Николоски.
Браната Отиња со изградба е започната во јули 2021 година и беше кажано дека ќе чини 5 милиони евра. До 2026 година езерото ќе биде завршено, а во 2027 година во летната сезона е планирано да се користи. Езерото е со максимална длабочина од речиси 30 метри и со три милиони кубни метри вода. Ќе биде една од помалите акумулации во земјава.
Браната на градот ќе му донесе промена на климата, ќе го заштити градот од поплави, но и место за рекреација и нова туристичка атракција.
Заменик раководителот на Браната Отиња Зоран Павлов изјави дека околу 53 отсто од работите се реализирани и дека активно се работи.
„Во моментов има распишан тендер како дополнување на одредени работи кои не се опфатени во првичниот договор. Временската рамка за финална изработка до 2026 година е реална. Во текот на 2023 година не се работеше бидејќи главната водоводна линија на Штип се снабдуваше од цевка која минуваше низ преливникот овде. Истата мораше да биде преместена за да продолжиме со работа. Односно со изработка на челниот преливник. Тој треба да обезбеди сигурност поплавен бран да не ја прелие браната. Оваа брана ќе ни овозможи континуирано во текот на целата година да имаме вода. Овде ќе има и спортско-рекреативен центар каде луѓе ќе можат да спортуваат и да се рекреираат, како и за риболов“, рече Павлов.
Браната на реката Отиња е проект стар со децении. Постарите штипјани паметат дека од 1985 година па до 2001 година се направени три елборати, но залудно. Дури со преземањето на Министерството за транспорт од страна на Благој Бочварски, кој како министер дојде од градоначалничкото место во Опшптина Штип, работите мрднаа од место. Во 2021 година почнаа првите минирања, а на крајот на оваа 2024 година, завршени се околу 55-60 отсто од работите.
Но, тогаш кога ќе биде завршена браната, нема брзо да ја видиме со вода. Според најавите на ескпертите, оваа насипна брана ќе се полни најмалку една година. Ќе требаат месеци на киснење на земјата. За споредба, браната Конско кај Гевгелија и по една година се’ уште се полни. За Владата, општината, како и за експертите ќе остане едно важно прашање за решавање – како понатаму да се дополнува езерото, кое ќе придонесе во намалувањето на високите летни температури, но и ќе влијае на зголемување на зимските температури. Ќе се создава биолошки минимум во коритото на река Отиња, ќе се користи и за наводнување на зелените површини, а ќе има услови и за изградба на викенд-зони, шеталишта и повеќе други рекреативни елементи.
Земјишето околу браната во изградба нема Детален урбанистички план. Поради тоа, засега ќар имаат само приватните сопственици, кои продаваат земјиште по значајно повисоки цени од претходно. Со донесувањето на ДУП за овој дел, земјиштето ќе може да го продава и општината, што значајно може да ја наполни општинската каса.
Покрај овие придобивки, изградбата ќе донесе и еколошка и економска корист каде наместо со вода од водоводот, зелените површини во градот ќе се наводнуваат со водата од браната. Браната ќе служи и за развој на туризмот и развој на спортовите на вода, за низ речното корито на Отиња по течението низ градот секогаш да го има биолошкиот минимум и со тоа климата преку лето да стане поподнослива.
Кристијан Трајчов
фото и видео: Кире Андонов