Владата и министерството за образование сериозно размислуваат средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ во Штип да го приклучат кон планираниот регионален центар за стручно образование и обука „Коле Нехтенин“, во којшто треба да прерасне сегашното средно општинско училиште „Коле Нехтенин“.
-Да, се размислува текстилното училиште да влезе во склоп на регионалниот центар, се размислува и многу други модерни струки да се воведат во овој центар, но одлука ќе донесеме кога ќе ја завршиме анализата. Користа од ваквите регионални центри е за регионот, но и за учениците кои од овие центри излегуваат веднаш да стапат на работа, а такви кадри на нашата држава и се потребни. Разлика е и што тоа веќе нема да биде општинско, туку државно, изјави министерката за образование, Весна Јаневска, при денешната посета на Штип.
Освен што „Коле Нехтенин“ ќе стане регионален центар, надлежностите над него ќе преминат од општинската во рацете на централната власт.
-Кога формираме регионален центар за средно стручно образование и обука, значи дека тоа училиште ќе биде поопремено, реконструирано во конкретниот случај, ќе се определат струките според потребите на пазарот на трудот на овој регион. Мора да се направат првенствено анализи, за да видиме што е потребно во регионот за да обезбедиме работна сила за пазарот на трудот, додава Јаневска.
Министерката посочи дека „Коле Нехтенин“ ќе биде шестиот регионален центар за стручно образование и обука кој се отвора во државата. Три се веќе интегрирани во образовниот систем и добро функционираат, додека два се во процес на трансформација. Предвидено е во секој од осумте плански региони да има ваква образовна установа која ќе овозможува и промовира стручно образование.
(М.К.)