Блокадата на евроинтеграциите на Македонија прави сериозна штета во развојот на високото образование и науката. Македонските универзитети се ограничени од огромен број на пари за научни истражувања, признавање на дипломи, квалификации и мобилност, кои им се на располагање на европските универзитети.
-Предизвиците и пречките се поголеми. За да можеме да се развиваме, односно целосно да се вклопиме во тој европски високообразовен простор, потребна ни ,е се разбира поголема мобилност, потребно ни е взаемно признавање на дипломи, квалификации…. Потребно е, иако имаме визна либерализација, се разбира тоа ЕУ го пружи, особено за академскиот кадар, овозможување на поголема соработка на повисоко поле. Не само, овозможување, да речеме на мобилноста на студентите, но буквално одвојување и на дел од финансиите и средствата за подигање на иновацискиот дел на науката. Ако се одвои поголем дел, нормално ќе бидеме поконкурентни. Пречките се политички, но како високо образовни институции се обидуваме да ги надминеме и да гледаме длабоко во вредностите. Да се повикаме на она што се заеднички вредности не само на ЕУ, туку и на нас и да ги промовираме вредностите на слобода, демократија, владеење на право, одржлив развој и слично и да го премостиме овие некои бариери што се поставуваат на повисоко политичко ниво, вели Ана Никодиновска-Крстевска, проректор за меѓународна соработка и професор на Универзитетот „Гоце Делчев”.
Светла точка во ситуацијата е Еразмус плус програмата.
-Многу важна придобивка од овој процес на европка интеграција ,особено за високо образовните институции, се практично оние програми кои што се остваруваат преку Еразмус плус програмата и не само, кои што овозможуваат пред се мобилност на студенти, на наставен кадар, административен кадар. Овозможуваат соработка во науката, во образованието, во истражувањето, иновациите. Допринесуваат во постигнување на степен на извонредност на универзитетите, кои ќе можат понатаму да конкурираат на сите европски пазари, на регионални, а истовремено да се придвижуваат кон онаа зелена транзиција, на одржлив развој и се разбира кон дигитализацијата, додава Никодиновска-Крстевска.
Придобивка од ваквата соработка е приклучувањето на три македонски универзитети кон Европската универзитетска алијанса.
-Она што е најголема придобивка за УГД од овие програми е вклучувањето во европската универзитетска алијанска. Тоа е придобивка не само за универзитетот, туку и за пошироката локална заедница и бизнис заедницата. Оваа Европска алијанса во која што влеговме заедно со повеќе европски универзитети, овозможува да воспоставиме и да креираме заеднички дипломи, заеднички студиски програми, едукативни курсеви, летни школи, зимски школи. Едноставно да направиме натпревари во кои што ќе можат студентите да се докажат, заедно да соработуваат со наставнички кадар и во коишто ќе можат да се доквалификуваат, усовршуваат и да посетат други универзитети и земји во рамките на алијансата, вели Никодиновска – Крстевска.
Во рамките на Европската универзитетска алијанса влегуваат универзитети од осум држави: Португалија, Шпанија, Германија, Австрија, Романија, Литванија, Летонија и Македонија. Како резултат, пак, на Берлинскиот процес, иницирани се склучувања на нови договори меѓу земјите од Западен Балкан за взаемно признавање на дипломите од универзитетите кои потекнуваат од овие земји, со цел олеснување на потешкотиите предизвикани од повеќе деценискиот евроинтегративен пат на државите од овој регион.
(М.К.)