Во Македонија нема голем интерес за соработка меѓу индустријата и факултетите на полето на вештачката интелигенција – вели универзитетскиот професор, Андреа Кулаков. Според него, државата тоа треба да го уреди и да го стимулира.
„Може да се случи ако има некои случајни контакти или професор по приватна основа, но не е систематски. Тоа треба да биде масовно затоа што е применливо во сите сектори. Ние треба да имаме евиденција за дигитализацијата, со тоа ќе се намали и нивото на корупција, секој ќе се плаши да не биде проверен“, изјави Кулаков, кој е редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
На оваа тема тој денеска зборуваше во емисијата „Стадион“ на Канал 77, при што истакна дека вештачката интелигенција добива на популарност во Америка, додека Европа не сака да прифаќа ризици.
ВИ сѐ попопуларна во Америка, Европа се плаши за ризикува
Кулаков и информатичарот Атанаско Борис Митрев со кој заедно гостуваа во денешното издние, зборуваа и за автономните возила, за примената на вештачката интелигенција во областа на земјоделието и градежништвото, но и дека треба да бидеме внимателни бидејќи покрај придобивките, постојат и потенцијални опасности.
„Вештачката интелигенција ќе придонесе за севкупен развој на општеството. Треба да внимаваме секогаш, но од тој аспект треба да го гледаме и развојот на ВИ гледајќи ги и предизвиците и потенцијалните опаснсти. Било кој пронајдок би можел да се користи во воени цели, но ако го сопреме развојот на ВИ поради тоа ќе пропуштиме многу можности кои таа би можела да ги донесе за добробит на општеството“, изјави Кулаков.
„Од друга страна, има злоупотреби и баш вештачката интелигенција може многу да помогне на пример со препознавање на страшни видеа или несоодветни содржини. Проблем е што некои технологии ги пуштаат пред време или пред да бидат развиени“, додаде Кулаков.
Митрев пак, се осврна на автономните возила за кои рече дека му се пасија. Тој веќе работи на проект за развивање на вакво возило.
„Моето практично искуство е од областа на компјутерска визија, меѓутоа повеќе теориски интересот ми е во областа на ВИ и моите истражувања со во таа насока. Се обидуваме да направиме автонмно возило, со професорот имаме под негово менторство соработка. Тоа возило е автономен робот и тоа се случува во светот, но кај нас е на ниво на истражување. Ќе се употребува и во индустријата и во секојдневието, во светот веќе возат ваквите возила. И таму на почеток почна во изолирани средини како робот такси, но има фирми кои прават транспорт на долги релации. Во Америка инфраструктурата дозволува да се прави транспортот автономно“, рече Митрев.
Според Кулаков, сите големи производители се обидуваат да развијат автономни возила и се вклучени во таа „трка“ во последните години.
Митрев објасни дека интересно е тоа што, поголемите компании каскаат зд поновите на ова поле.
„Нивните методи се поагилни, нивните работни процеси се поразлични од оние на големите компании кои имаат потрадиционални развојни методи кои ги кочат, тие се поспори. Таа технологија е во зародиш и може да згреши, но бројот на грешки на тие возила ќе биде многу помал од оние на човекот“, додаде Митрев.
И тој и Кулаков се едногласни дека автономните возила ќе го сведат бројот на сообраќајни незгоди на минимум, но и дека не треба да стравуваме од загуба на работни места, бидејќи нивната примена ќе доведе до создавање нови.
Не треба да стравуваме дека ова ќе ги загуби работните места бидејќи ќе се појават нови работни места, ќе треба некој да ги сервисира тие возила, нема иницијално да можат сами да се исчистат, да се припремаат – потенцираше Митрев.
Професорот Кулаков пак, прогнозира дека ќе бидат воспоставени и забрани за возење на обичен автомобил, но како што рече, тоа би можело да се случи за педесетина години.
Според двајцата соговорници, употребата на вештачката интелигенција би било полесно да се примени во железничкиот или во авиосообраќајот, односно потсетија дека веќе имаме и автопилоти.
Прашани за употребата на новите технологии во областа на земјоделието, тие рекоа дека постојат машини за копање кои го заменуваат човекот, а употребата на ВИ во градежништвото оди дотаму што може да бидат изградени куќи во рок од два дена.
Инаку, зборот робот е со словенско потекло, а терминот вештачка интелигенција првпат се споменува во 1956 година на американска конференција, каде учесниците, професори ја создале оваа кованица.
„Биле големи ентузијасти. Има неколку гранки – машинско учење, тоа е основата на сите други. А има и машинска визија, роботика и обработка на природни јазици. Вклучително текст, говор“, објасни професорот Кулаков во денешното гостување на радио Канал 77.
Тој потенцираше дека практичната употреба на ВИ датира од седумдесеттите години, кога сето тоа имало ограничен успех и ефект. Популаризацијата се случува во втората полвина на осумдесеттите години, за веќе 20 гдини подоцна да се развие системот за детекција и препознавање на лице.
Големиот пресврт пак, се случува со развојот на графичките картички.
„Тука дојде до бум во развојот на алгоритмите и после 10 години се случи појавата на chat GPT, секој стана свесен за потенцијалот на ВИ, а некој се уплаши. Сега Европа каска, бавен е процесот на одобрување на проекти и во Европа бидејќи Европејците не се спремни да ризикуваат. Ние сакаме да експериментираме, но раководителот од Германија вели што ако не успееме. Во Европа тоа е комплицирано и инвеститорите се помалку спремни да инвестираат, а во САД не е така, се отвораат старт ап бизниси. Во Кина на пример, самата држава инвестира“, посочи Кулаков.
Вештачката интелигенција како научна област постои и во нашата држава.
„На некои насоки на ФИНКИ е задолжителен предмет. На други насоки е изборна, но многу студенти ја бираат бидејќи е популарна. Сегде се употребува. Има некои фирми што развиваат свои производи, а инаку повеќе е тоа како работа на проекти за странство“, нагласи Кулаков.
Митрев дополни дека нам ни треба инвестиција во развој, во истражување за употреба на ВИ.
„Ние може да имаме супер идеја, но нашето истражување е ограничено“, рече Митрев.
Прашан дали банките ги препознаваат ваквите проекти, Кулаков порача дека токму тие се најбавни и најконзервативни инвеститори. Сепак, тој рече дека од друга страна се развиваат старт ап фондови и центри каде што се организираат и натпревари и веќе сумите растат.
Тоа ќе се развива сѐ повеќе кај нас – заклучи професорот.