Заштита на новинарите и на сите вработени во медиумите, искористување на вештачката интелигенција за добробит на општеството, но и борба со дигиталната пиратерија. Ова се генералните заложби на кандидатите за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Откако вчера Собранието ги објави нивните биографии на својата веб страница, тие денеска од собраниската говорница се претставија пред пратениците во рамките на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Иако требаше да се претстават вкупно 24 кандидати, двајца од нив ја повлекоа кандидатурата.
Поранешниот владин портпарол, Миле Бошњаковски вчера на социјалните мрежи соопшти дека приоритет ќе им даде на други професионални обврски, а аналитичарот и колумнист Виктор Грозданов во пресрет на денешната јавна расправа на која не се појави, искажа незадоволство од начинот на кој таа е организирана.
Нарекувајќи ги пратениците „невоспитани и безобразни“ тој меѓу другото наведе дека е урнисана секоја трошка надеж дека нема да има политички панаѓур.
И покрај тоа што на денешната јавна расправа, кандидатите требаше да одговораат на прашања од пратениците, тие не поставија прашања, што наиде на забелешки кај претставниците од граѓанскиот сектор.
„Врз основа на кои критериуми, пратениците, повеќето отсутни од оваа седница ќе ја состават предлог листата и ќе ја достават до своите колеги за гласање“, праша извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Билјана Георгиевска.
Заменик претседателката на Комисијата пак, Дафина Стојаноска одговори дека има пренос од јавната расправа, па останува на самите пратеници колку од нив биле отсутни или присутни со својата активност.
„По оваа комисија ќе се направи записник и се надевам дека пратениците ќе го прочитаат она што кандидатите го кажаа“, истакна Стојаноска.
Нејзината сопартијка, пратеничката Ели Панова аргументираше дека во текот на денешниот ден пратениците имале премногу активности, а биографиите на кандидатите ги оцени како нешто од кое може многу да се научи.
„Во текот на денешниот ден ние имавме комисија за земјоделие, за образование, за транспорт и врски, за економија. Плус имавме пленарна седница, координација. Денешниот ден е преполн со активности, дел од колегите се службено отсутни, а во исто време се одржуваат и неколку обуки. Чисто за да ја одбранам честа на пратениците кои не можеа да бидат присутни, иако верувајте за сите нас, е од интерес да бидеме тука, да слушнеме од овие кандидати што имаат да кажат . Тое се импресивни биографии од кои ние можеме само да научиме. Но на сајтот на Собранието стојат сите излагања, имаме и стенографски забелешки. Јас ќе формирам лично мислење и ќе гласам со чисто срце“, додаде пратеничката.
Кандидатурата на Селмани и Врзиволи ги скара пратениците Даути и Шаќири
Од малкумината присутни пратеници на денешната јавна расправа, најактивна беше пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците. Минатата седница впрочем, на која беше утврдена листата на кандидати, Даути ја напушти со образложение дека не сака да учествува во политизирањето на АВМУ и рече дека дел од кандидатите се инволвирани во органи или политички партии.
„Мислев дека некои кандидати ќе се повлечат од морални причини, нема да поддржиме политизација на Агенцијата“, порача таа на стартот од денешната јавна расправа.
На Даути ѝ реплицираше пратеникот Ријад Шаќири од редовите на Алијанса за Албанците, односно од крилото на Арбен Таравари, обвинувајќи ја дека таа има предрасуди.
„Колешката минатиот пат демонстративно ја напушти седницата, расудувајќи дека ќе се направи непрофесионален избор. Колешке, добро ќе биде да оставиме простор да ги слушнеме кандидатите, да слушнеме кое ќе биде нивното претставување, кои се нивните квалитети и кои се препораките кои ќе нѐ убедат да направиме најдобар избор“, порача Шакири.
Даути му одговори да не излегува и да кажува дека има предрасуди, бидејќи како што рече, нејзините аргументи се базирани на факти.
„Тука има некој кој гази над професионализмот над овие лица, тука е мојата главна забелешка. Не треба да дозволиме лицата кои ја завршиле професионално нивната работа да се стават на иста листа со лица кои се испратени од политичките партии“, додаде Даути.
Со својата забелешка таа алудираше на Нафие Селмани, втора на листата на кандидати за членови на советот на АВМУ. Даути во моментот е советник во Општина Чаир, а до 2021 година беше член на Претседателството на Алтернатива, по што поднесе оставка. Даути ѝ порача на Селмани дека нема ништо лично кон неа, но дека политиката не треба да навлезе во медиумите и треба да ѝ се служи на слободата на говор.
Според Даути, спорна е и кандидатурата на Афрона Врзиволи која се најде на претпоследното место на кандидати за членство во Советот. Нејзината кандидатура, исто како и онаа на Селмани, ги скара Даути и Шаќири.
„Поради слободата на медиумите треба да бидам директна во тоа што сакам да го искажам. Видов дека и други кандидати во своите искази кажуваат дека не треба да се политизираат медиумите, па тоа ме поттикна да бидам против тоа. Агенцијата треба да биде независна“, рече Даути.
Таа потсети на петдневната работна позиција на Врзиволи како главен ревизор на ИПА фондовите, а за нејзиното назначување тогаш реагираше и Делегацијата на ЕУ.
„Посакувам успех во нејзиниот план, но таа беше ревизор и имаше реакции од ЕУ. И мене не ми е лесно да зборувам со конкретни имиња , но ова ми е должност. Ако ние не дискутираме се плашам дека другото вето на државата ќе ни биде од Freedom house бидејќи вака не се оди кон ЕУ со кандидати кои ја тераат самата Унија да го вклучи алармот. Барам разбирање од страна на Афрона, не е ништо лично, но таа е жена од политиката и сопруга на член на огранокот од партијата на Арбен Таравари. Ѝ посакувам успешен пат, но тука зборуваме за еден значаен совет, кој не треба да биде политички“, забележа Даути.
Пратеникот Шаќири ја обвини дека таа врши работа на „адвокат“ и ѝ предочи дека зборуваче против двајца кандидати Албанци. Тој застана во одбрана на Врзиволи и рече дека тоа што била одбрана за ревизор, зборува дека е професионална.
„Да зборуваш за сопругот на госпоѓа Афрона е ниска работа бидејќи на крајот на краиштата таа треб да биде сопруга на некого и е мајка на некого. Не е добро овде да се споменуваат фамилијарни работи. Вие сте нечија жена и мајка, а кај нас Албанците фамилијарите работи се свети. Ние денеска само ги слушаме исказите на кандидатите и не се одлучува за никој од нив. Не треба да излеземе со заклучоци пред да имаме конечна одлука“, додаде Шаќири.
Даути пак му реплицираше дека тој најдобро знае кој е адвокат и рече дека ѝ е жал, поради тоа како чиј адвокат заврши тој.
„Немам план и нема да се занимавам со вас, туку со слободата на медиумите. Секако дека ние сме сопруги на некого и се гордееме со тоа, никој нема да биде посрамен ако некој рече дека Илире Даути е сопруга на Беким Даути, но ние двајца ако сме инволвирани во политика не може да бидеме и кандидати во АВМУ. Да не ги мешаме работите. Сакавте да дадете етнички карактер на ова, но јас го поздравив повлекувањето на кандидатот кој бил портпарол на Владата. Ова очекувам да го направи и Афрона, но и други. Кога зборуваме да ги искажуваме работите како што се, бидејќи како дебата нема да нѐ одведат никаде“, додаде Даути.
Освен Шаќири, нејзе ѝ реплицираше и Халил Снопче, координатор на пратеничката група на коалицијата ВЛЕН.
„За да дадеме општ придонес не е лошо во овој состав да имаме истакнат финансиски експерт, освен новинарите од областа на комуникациите, на директен начин да бидат вклучени експерти од областа на финансиите. Имаме многу проблеми и не е лесно да се решаваат. Оваа госпоѓа не ја познавам, ниту ја поздравив“, рече Снопче зборувајќи за кандидатурата на Врзиволи.
Даути му се заблагодари бидејќи како што рече, ја потврдил нејзината дилема бидејќи ниту еден друг од пратениците не изразил поддршка за некој од кандидатите.
„Би сакала да го прочитам член 3 од Законот, каде што е наведено дека членовите на овој Совет не треба да бидат членови на политички партии или да вршат должности на верски заедници“, додаде Даути.
Снопче возврати дека не разбрал ништо од нејзината реакција бидејќи како што кажа, не се однесувала на него.
„Има една латинска изрека , незнаењето не е аргумент“, порача Снопче.
Инаку, од вкупно 22 кандидати, во Советот на АВМУ ќе влезат седуммина. Седницата на која ќе се гласа за нив, како што дознаваме неофицијално, ќе се одржи во текот на следната седмица. Меѓу кандидатите има новинари, информатичари, продуценти и претставници на други професии. Нивните биографии беа објавени ден пред јавната расправа. На страницата на Собранието.
(В. Ми)