Младите луѓе во Македонија немаат мотивација и многу полесно се одлучуваат за заминување во странство, отколку за започнување на бизнис дома.
Зошто не можеме или не сакаме да си ги задржиме децата дома и зошто дозволуваме младите мозоци да се одлеваат од државата?
Одговор на ова прашање се обидоа да дадат експертите на настанот „Оценка за спроведување на стратегијата за Мали и средни претпријатија 2018-2023 година и преглед на новата Стратегија за МСП 2025-2030“ и според нив решението го лоцираат во започнувањето на претприемачко образование во што порана возраст, но и на сите нивоа на образование.
„Се чувствува потреба дека треба да се зголеми претприемачкото образование на ниво на сите столбови – основно, средно, високо и неформално. Од тој аспект Министерството за економија и Агенцијата за поддршка на претприемништвото ќе предвидат одредени грантови шеми, со кои ќе може да конкурираат и универзитетите, средните училишта, невладините, за да го зајакнат претприемачкото образование. Треба да се обучуваат прво наставниците во образованието, а потоа тие да им ја пренесат желбата на студентите и средношколците да започнат сопствен бизнис, вели проф. Д-р Радмил Поленаковиќ, експерт на реномираниот IPF и професор на Машинскиот факултет при УКИМ
Во просек 20- 25 проценти од малите и средни компании се затвараат уште во првата година од основањето, а Поленаковиќ проблемот го гледа во недоволното познавање на пазарот.
„Може да имаш добра идеја, меѓутоа ако не го анализираш пазарот и ако не видиш дали има купувачи за твојот производ или услуга, тоа е една од клучните грешки. Треба познавање на маркетинг, којшто ќе прави маркетинг анализа, која што ќе проверува дали твојот производ или услуга има пазарна моќ. Но, тоа е само еден елемент. Секако дека и државата со својата правна регулатива, треба да ги олесни можностите за основање на фирма. Тоа е кај нас доста добро во споредба со другите земји, меѓутоа сепак мислам дека знаењето е клучно за развојот. Затоа што ние имаме стандардни фирми, кои што се како пекара, фризерница, кои што немаат голем потенцијал за развој, меѓутоа за да нашата држава оди напред, потребно е да имаме иновативни компании, а за да имаме иновативни компании треба да имаме знаење, кое што треба да се пренесе во најголема мера во насока академија – бизнис, значи тоа што се работи како истражување на универзитетите да се преточи во стартап, заклучува Поленаковиќ.
Токму во правец на подобрување на интересот за старт-апи, но и јакнење на успехот на малите и средни претпријатија е и новата Стратегија за мали и средни претпријатија 2025-2030, која треба да биде готова до крајот на годинава.
„Новата стратегија се фокусира на следните три столбови: Првиот е зајакнување на деловното опкружување, кое што ќе овозможи подобри услови за работа на малите и средните претпријатија, вториот е пристап до финансии и третиот столб е дигитална и зелена трансформација на целиот систем. Идеите коишто сега ги собираме ќе бидат вткаени во новата стратегија и во акцискиот план, затоа е многу важно да го чуеме гласот на народот, во овој случај експертската јавност, бизнисите и медиумите. Во рамките на секој од тие три столбови ќе има голем број на програми и активности коишто ќе бидат финансирани од трите главни двигатели: Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништвото и Фондот за иновации и технолошки развој. Ние треба да ги дефинираме мерките кои треба да ги преземе државата за подобрување на целото опкружување за малите и средни претпријатија, потенцираше Поленаковиќ.
Стратегијата има за цел со вмрежување и координирана акција на институциите да го подигне интересот за стартување на мали и средни претпријатија. Во просек годишно од 1000 до 1500 млади луѓе бараат финансирање на нови старт-апи преку програмата за самовработување на Агенцијата за вработување, а целта е тој број да се зголеми.
Малите и средните претпријатија учествуваат со 55 роценти во вкупниот БДП на државата и се најголеми работодавачи, вработувајќи 70 проценти од вкупниот број вработени.
(М.К.)