Граѓаните на Кочани со денови протестираат и бараат да се спречи исфрлањето и палењето на отпадот на депонијата, на која освен од Кочани се депонираше отпад и од соседните општини Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци.
Главната причина за протестот и блокадата е загадувањето на воздухот и околината на локалитетот Тупанец, каде што е лоцирана депонијата.
Во текот на викендот интензивно се работеше на средувањето на состојбата на депонијата каде се собираше заостанатиот отпад во градот.
Претходно, оние граѓани кои протестираа му дадоа рок на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ во рок од 48 часа да го собере сметот во градот и околината.
„Можеме да констатираме дека се исполнети сите услови кои беа поставени од луѓето што протестираат, можете да видите дека депонијата не чади и може да се забележи дека има стражарска служба. Се поставува видеонадзор, а се обезбедени и доволно количини земја за третирање на отпадот. Заостанати се повеќе количини отпад во домовите, а од она што беше во контејнерите и на терен е собрано скоро сѐ. Мојот апел до штрајкувачите е да дозволат КЈП „Водовод“ да си ја врши својата работа“, рече градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов при посета на депонијата.
По средбата на претставници на Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување и на Локалниот совет за превенција со штрајкувачите, Општина Кочани и КЈП „Водовод“ постапуваше по донесените заклучоци, со што беше стопиран транспортот на отпадот од општините Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци.
Граѓаните и екоактивистите кои над 200 часа го блокираа пристапниот пат кон Градската депонија во Кочани соопштија дека одлучиле да ги пропуштат единствено комуналните возила на КЈП „Водовод“ за депонирање на отпадот до кочанската депонија.
Блокадата за комуналните возила од соседните општини, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево останува и нивните возила нема да се пропуштаат кон кочанското ѓубриште.
Тие информираа дека протестот ќе продолжи се до исполнување на последното нивно барање за поништување на одлуката на Владата за депонирање на отпад од соседните општини на кочанската депонија.
„Донесена е одлука од овој момент да се пропуштаат возилата само на КЈП „Водовод“, за да покажеме добра волја дека сепак ние се бориме за здравјето на нашите сограѓани. Со оваа одлука се надевам дека ќе привлечеме уште повеќе поддржувачи. Протестот продолжува“, рекоа граѓаните.
Во меѓувреме, КЈП „Водовод” обезбеди 24-часовна стражарска служба на влезот на депонијата, која не дозволува пристап за неовластени лица.
Се работи на расчистување на теренот заради поставување ограда кај главната капија, а потоа и операторот „Ескаватори“ треба комплетно да го огради останатиот дел од просторот. Исто така, се поставуваат столбови со осветлување на сончева енергија, на кои ќе се инсталираат и камери за видео надзор што ќе биде достапен преку мобилен телефон.
Во моментов просторот е исчистен, отпадот е затрупан и нема чадење како претходно.
Активистите бараат едно, институциите говорат и прават друго
Но, иако активистите и граѓаните ја тргнаа блокадата за кочанските комунални возила тврдејќи дека не прифаќаат ѓубрето од другите општини да се носи кај нив, сепак спротивставените ставови и натаму продолжуваат.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за ТВ 24 рекоа дека не е опција да се вратат веќе згаснатите депонии во околните општини.
„Пожарите кои се случуваа во минатото не зависат од количината на отпадот, туку од несоодветното управување со локацијата. Обврската на трите општини да го носат отпадот на таа локација останува се до воспоставувањето на регионалната депонија“, рекоа од таму.
Учесничката на протестот Благица Сабовљевиќ Стоименова вели дека тие остануваат на истиот став.
„Голготата продолжува и понатаму. За овие три општини нашата блокада ќе продолжи се додека тие самите не си активираат нивни депонии. Треба секој да си се грижи за своето ѓубре, а не нашата депонија да биде регионална и така да ја загадува нашата околина дополнително“, вели таа.
(K.T.)