Со три милиони посетители годишно, Фонтана ди Треви е една од најпознатите знаменитости во светот. Во моментов од него е испумпана целата вода поради вонредна реставрација, јавуваат агенциите.
Туристите можат да ја набљудуваат фонтаната само од одредена далечина, преку проѕирна заштитна ограда. За да можат уште да фрлаат парички, градската управа поставила мал квадратен базен недалеку од фонтаната.
На социјалните мрежи веднаш се појавија иронични коментари, па еден корисник на мрежата Х напиша „каква глупост е ова, личи на базен на надувување“.
Сепак, само неколку часа по инсталацијата, на дното на базенот веќе се насобраа куп монети.
Работите на фонтаната се поврзани со јубилејната Римокатоличка година која се слави на секои 25 години, а почнува на 24 декември годинава. И покрај работите, илјадници туристи сè уште секојдневно доаѓаат на фонтаната, која е еден од симболите на Рим.
Сепак, за 2025 година е планиран пилот-проект кој ќе го ограничи нивниот број, како што веќе е направено на други места кои се преплавени со туристи. Градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери изјави дека во иднина би можеле да бидат воведени билети за посета на фонтаната.
Монетите од фонтаната редовно ги собираат работниците на римското комунално претпријатие, а лани сумата достигна 1,5 милиони евра. Од 2001 година парите одат во римскиот Каритас, кој во главниот град на Италија се грижи за повеќе од 50 социјални институции и 145 различни центри за помош, пренесува ртцг.ме.