После подолго од половина век жителите на село Лакавица ќе добијат нов водовод. Веќе се работи на инсталирање на новата водоводна мрежа, а според зборовите на градоначалникот Иван Јорданов, кој денес изврши увид на градежните активности на терен, станува збор за инвестиција со која конечно се решаваат долгогодишните проблеми на локалното население.
- Жителите со години наназад бараа реконструкција и промена на стариот дотраан водовод, стар повеќе од 50 години, имајќи во предвид дека честите дефекти создаваа проблеми не само на жителите туку и на ЈП Исар, заради несоодветните линии кои своевремено биле инсталирани, рече Јорданов.
Тој нагласи дека нешто повеќе од 3,5 милиони денари ќе бидат инвестирани во селото Лакавица за нов водовод , со кој како што рече ќе бидат опфатени уште неколку краци со дополнителни десетина домаќинства заборавени во изминатиот период.
- Со тоа ќе се заокружат барањата на жителите од ова село, затоа што со години наназад беше заборавено, практично со години наназад никој не инвестирал во ова населено место, истакна градоначалникот Јорданов.
Изрази надеж дека во текот на наредните неколку дена целосно ќе биде инсталирана новата водоводна мрежа со која ќе управува ЈП Исар и на кој начин ќе биде решен уште еден како што вели децениски проблем за жителите на село Лакавица.